Мицкоски во Будимпешта го испофали „храбриот лидер“ Орбан, вели дека и со Унгарија градиме „стратешко партнерство“
Премиерот рече дека односите меѓу двете држави имаат „вредносна димензија“, но веројатно подзаборавил дека тој и Орбан не се Македонија и Унгарија и мислел на односите меѓу двете десничарски влади
Премиерот Христијан Мицкоски во Будимпешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. На средбата, како што информира Владата, била „потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави“. Премиерот Мицкоски и неговата влада досега не го користеа изразот „стратешко партнерство“ кога реферираа на односите со Унгарија и на соработката со оваа држава.
Препорачано
„Разговорите се одржаа во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, а акцентот беше ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и спроведување конкретни проекти од заемен интерес. Двајцата премиери разговараа и за инфраструктурното поврзување, енергетската стабилност и регионалната соработка, признавајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше нагласена и важноста на поддршката што мојата земја ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, подвлекувајќи дека процесот на интеграција мора да се базира на принципи и систем на заслуги“, се вели во соопштението.
Понатаму, се кажува како Мицкоски нагласил оти „односите меѓу двете држави“ имале „вредносна димензија“. Од контекстот се разбира дека премиерот веројатно подзаборавил дека тој и Орбан не се Македонија и Унгарија и мислел на односите меѓу двете влади, неговата и Орбановата, кои се водат од заеднички, конзервативни вредности.
„Премиерот Мицкоски ја нагласи и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, подвлекувајќи дека споделените вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – се основа на стабилни и просперитетни општества“, пишува во владиното соопштение.

Мицкоски одржал и говор на настан организиран од „Колегиумот Матијас Корвинус“, каде што кажал дека „силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и педантна заштита на националните интереси“.
Во говорот, Мицкоски искажал и пофални зборови за домаќинот Орбан, велејќи дека Унгарија претставува „пример за држава која, со јасна визија и силно лидерство, успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот“. Премиерот и дополнително ја нагласил „улогата на премиерот Виктор Орбан како лидер кој има храброст да донесува одлуки во интерес на својата земја и кој придонесува за стабилноста на регионот и на Европа“.
Будимпешта ја држи ЕУ во заложништво, Орбан повторно ги кочи санкциите кон Русија


