фото: илустрација / МВР

Мицкоски вели од фабриките може да бидат запленети и 100 тони марихуана

Премиерот најави дека на следната владина седница ќе биде донесена одлука да се направат проверки во сите фирми за производство на медицински канабис во Македонија, коментирајќи ја полициската акција која е во тек и во чии рамки се запленети десетици тони марихуана.

„Законот треба да се почитува. Овие коишто се предмет на оваа акција не го почитувале законот. Така ние мислиме. За да на крај дојдеме до решение, ќе каже судот низ една постапка дали го почитувале или не го почитувале. Ние мислиме во истрагава сега што ја водиме и во акцијата, дека не го почитувале. Ќе видиме тој процес понатаму ќе се развива. Можеби судот ќе каже државата не е во право, го почитувале законот, но, ние мислиме дека не го почитувале, сме ги конфискувале овие количини и сега истите проверки ќе ги направиме и во други правни лица коишто се занимаваат со оваа дејност“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со репрезентативните синдикати на администрацијата.

Тој посочи дека македонската регулатива дозволува извоз на масло од канабис за медицински цели, но како што нагласи, за тоа треба да се почитува законот и воспоставените норми.

„И сега нашата регулатива дозволува извоз на масло коешто се користи во медицински цели. Но, тоа има одредени норми и стандарди коишто треба да бидат постигнати. Вие не можете да декларирате отпад, отпад се знае, се гранки, лисја, а внатре во декларираниот отпад да најдете тврдо пресуван цвет од канабис. Јас не сум бил толку вклучен во оваа работа, но изминативе денови разговарав со многу луѓе коишто се познавачи на оваа област. Од самиот почеток на носење на првиот закон, па сè до денеска. Законот е генерално ист, но, некој министер, а тоа деновиве ќе се разработува, дозволил да се промени правилникот којшто е спротивен на законот. Значи, ние имаме подзаконски акт кој е во колизија со самиот закон и ниту еден познавач и ниту еден којшто во овој бизнис е успешен, не ми кажа дека цвет од канабис, којшто не е третиран по посебни стандарди, има таму затворени простории и така натаму и така натаму, сега да не навлегувам во такви детали, може да произведе цвет којшто потоа ќе се користи за производство на масло и тоа масло потоа да се користи во медицински цели“, рече Мицкоски.

Тој вели дека законското решение е добро, но оти е спорен правилникот кој бил дополнително донесен.

„Јасно се знаело се, уште кога се носел правилникот, кога се дозволило на отворено да се одгледува канабис, истиот да се чува како што се чувал, да се складира како што се складирал. Од тоа што успеав изминативе денови да го научам, почетникот во овој бизнис знае дека така таа работа не бива. Не може така да се добие производ со којшто ќе се задоволат ГМП нормите и стандардите за извоз на масло, кое потоа ќе се користи во медицински цели. Дали тоа некој со умисла го правел, дали тоа го правел со некаква друга цел, истрагата ќе даде одговор“, рече Мицкоски

Тој нагласи дека фирмите за медицински канабис што работат законски нема да имаат никакви проблеми.

Полицијата и ОЈО ГОКК се „пуштија“ во пресметка со нелегалното производство на канабис во фабриките за масло откако во Србија беа запленети пет тони марихуана во село кај Крушевац, а тамошната полиција соопшти дека таа била од Македонија.

МВР денеска официјално соопшти дека досега во акцијата која е во тек биле запленети околу 40 тони марихуана, од кои околу девет тони од фирма во Скопје, а 31 тон во компании во Струмичко. Пронајдени се и над 1.300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот