Мицкоски вели дека во ЕП во Брисел се консултирал за борбата против криминалот кога ќе дојде на власт
„Пораката од Брисел е дека не може да водиме политика базирана на двојни стандарди, односно од една страна да им е полна устата за европска иднина, а од друга страна да има криминал“, изјави денеска за ТВ „Алфа“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Брисел, обвинувајќи ја власта на СДСМ и ДУИ за криминалот и корупцијата во земјава.
Препорачано
Мицкоски, заедно со двајцата потпретседатели на партијата, Тимчо Муцунски и Александар Николоски, како партиска делегација се во Брисел, каде, според опозиционерот, „се консултирале со престставници од Европскиот парламент за можните решенија кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги преземе во насока на решавање на проблемите со кои се соочува државата“.
Тој рече дека тема на разговор со претставниците на ЕУ била „актуелната ситуација во Македонија во поглед на корупцијата и криминалот, но и состојбата во која се наоѓа образованието, здравството и земјоделството“.
„Се консултиравме со високите претставници на ЕУ, со луѓето од Европскиот парламент за можните решенија кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги преземе во насока на решавање на овие реални проблеми. Посебен фокус ставивме на високото ниво на корупција и криминал во државата и како да владее правото“, рече Мицкоски.
За корупцијата и криминалот во земјава, Мицкоски ја обвини власта на СДСМ и ДУИ, велејќи дека е неприфатливо земја кандидат за членство во ЕУ истовремено да биде лидер по перцепција на криминал и корупција и да промовира европски вредности, како што прави актуелната влада.
„Пораката од Брисел е дека не може да водиме политика базирана на двојни стандарди, односно од една страна да им е полна устата за европска иднина, а од друга страна да има криминал“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека решение за криминалот и корупцијата биле предвремените избори, а го повтори и партискиот став дека ВМРО-ДПМНЕ „нема да прифати уставни измени под бугарски диктат“р.


