Мицкоски со Мизрахи и Ковачки на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Македонскиот клуб во Благоевград, уште неотворен, беше вандализиран на почетокот на октомври / Фото: НовАсном

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки ќе присуствуваат на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, но според информациите од партијата, не е предвидено негово обраќање. Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ потврдија дека освен партиската, на отворањето на клубот ќе присуствува и поголема делегација од Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ што ќе ја предводи Алаксандар Пандов.

Инаку, по најавата за отворање на клубот во Благоевград локалните власти прво го забранија, па потоа се премислија и сепак дадоа дозвола за неговото отворање. Сега градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов вели дека ниту издал, ниту издал дозвола, ниту забранил отворање на приватен македонски културен клуб. За бугарскиот весник „24 часа“ тој вели дека ако некој шпекулирал за неговото име и за градоначалничката институција, тоа било лага.

Овој настан, според Стојанов, немал никаква врска со општината и нема врска со него.

– Група луѓе изнајмиле соба од приватно лице и решиле да направат клуб. Општина Благоевград нема да го официјализира овој приватен настан, коментира Стојанов и додава дека добил покана за нејзино отворање, но нема да оди.

Изјавата од Стојанов следи по информацијата објавена од нерегистрираната ОМО „Илинден“ – ПИРИН дека отворањето на македонскиот клуб официјално го дозволил градоначалникот на градот.

Претходно, Советот на Општина Благоевград го забрани отварањето на македонскиот културен клуб што требаше да го носи името на Никола Вапцаров, наводно поради тоа што бил, како што велат од таму, „македонист”. А во образложението во декларацијата на градскиот Совет стоеше дека „Благоевград нема да биде центар за пропагандни провокации”.

Инаку, Иницијативниот одбор во првичната објава соопшти дека на свеченото отворање на клубот се поканети премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, но македонскиот премиер кажа дека в недела ќе биде во Скопје, а не во Благоевград. Сепак, рече дека веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград и најави дека барање за тоа ќе биде испратено до бугарската Влада. Во врска со отворањето на клубот во Благоевград, порача отворањето на вакви клубови да биде во насока на зближување, а не на раздор.

Клубот е основан од Иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а ќе има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и, според организаторите на настанот, да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот.

Вчера и од Левица соопштија дека нивна делегација ќе на 30 октомври ќе биде во Благоевград, Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот