Христијан Мицкоски и Антонио Кошта / Фото: Фејсбук

Мицкоски со Кошта ќе бара решение кое „нема да го допре достоинството на македонскиот народ“

Премиерот Христијан Мицкоски очекува при претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта да разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграцијата на државава во Европската унија од, како што рече, вештачкото билатерално барање.

Порача дека ставот на државава не е променет и оти ќе се бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани. Мицкоски повтори дека нема простор ниту милиметар повеќе да се отстапува идентитетски, зашто, посочи, „оваа држава и граѓаните на Македонија дадоа премногу изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку и повторно имаме билатерални барања пред нас“.

Мицкоски за посетата на Кошта: Ќе му ги пренесеме нашите ставови за уставните измени

– Со претседателот на Европскиот совет, Кошта, досега имаме исклучително пријателски разговори, разменуваме идеи, мислења. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко билатерално барање што го има една земја-членка кон Македонија. Се надевам дека и во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум дека неговото присуство тука, и за време на нашата билатерална средба, а потоа и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се да се надмине пречката, изјави Мицкоски.

Многупати, посочи премиерот, се кажани македонските позиции и „би било некултурно да се очекува да се промени ставот преку ноќ, бидејќи не се исполнети предусловите што ние очекуваме да бидат исполнети, а кои ги заслужуваме“.

-За жал, ова е резултат на една национално исплакната ненационална политика на една претходна влада која со своите авантуристички потези создаде состојба во која прво ги разочара своите граѓани, бидејќи граѓаните не сакаат да гледаат влада која, наместо да ги штити националните интереси, е главен промотор на мекотелните политики, посебно принципот на коленичење на меѓународна сцена и себепонижување. И второ, со таквите авантуристички политики дефинитивно го закочи процесот на отпочнување на преговори на нашата земја со ЕУ. Но, ние како Влада нема сега да очајуваме, тоа е што е, таа е ситуацијата, таа е реалноста. Ќе се обидеме да бараме решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани, рече Мицкоски.

Не сме подготвени, подвлече премиерот, да влеземе во дополнителна авантура без да има јасно крај на овој процес.

-Ако е тоа цената што треба да ја платиме, како Влада сме подготвени да работиме, да ги решаваме домашните проблеми, да испорачуваме реформи, да изработуваме тоа што е потребно, а е поврзано со сè она што е објективно барање од страна на ЕУ. Но, за жал, вакви билатерални прашања немаме намера да исполнуваме и желби, посебно после последните изјави на новоизбраниот премиер на нашиот источен сосед којшто гордо кажува дека му требало година дена како претседател на Бугарија, да ги убеди шефовите на држави на земјите членки на Европската Унија дека е потребно да се промени Уставот и оти тоа е само еден обичен почеток. А бидејќи ја знам содржината од разговорот што ја имаше нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија со неговата колешка од Бугарија, можам да кажам дека ова е само еден почеток на сè тоа коешто дополнително ќе следи. Во овој момент немаме намера повеќе ниту милиметар да се поместиме. Ако некој цени дека ние како држава требаме таму и дека ние како држава сме додадена вредност, ние ќе сториме сè да таа шанса ја искористиме и оправдаме, но повеќе отстапки од ваква природа, барем оваа влада додека сум јас премиер, нема да преземе изјави Мицкоски.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од 1 до 5 јуни ќе го посети Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, што ќе се одржи на 5 јуни.

Во врска со предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за постепена интеграција во Европската унија, Мицкоски најави дека ќе од на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тиват, како што рече, да слушне повеќе за овие концепти и идеи.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот