Мицкоски не можеше да избега од прашањата за бегалецот Груби
Мариела Трајковска
Пред
Премиерот негираше дека има каков било „дил“ за враќањето на Груби, затоа што „ексвицепремиерот додека бил на власт му скандирал – „па, па“, жестоко го критикувал и го посакувал неговиот политички и човечки крај. За марихуаната, порача дека ќе биде главна обврска на новиот јавен обвинител или обвинителка да ја расчисти аферата, а чувствува дека „некои пратеници ќе останат без имунитет“
Враќањето на бегалецот Артан Груби, почесниот конзул на Македонија во Србија Душан Адамовиќ, заплената на тони марихуана, беа темите за прашањата со кои пратениците го „бомбардираа“ премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања. Мицкоски негираше дека има каков било „дил“ за враќањето на Груби, затоа што „ексвицепремиерот додека бил на власт му скандирал – „па, па“, жестоко го критикувал и го посакувал неговиот политички и човечки крај. За случајот со марихуаната, премиерот порача дека ќе биде главна обврска на новиот јавен обвинител или обвинителка, дека дополнително ќе се одземаат лиценци на компании и дека при расчистување на целата афера чувствува оти некои пратеници ќе останат без имунитет. На првиот опозиционер Венко Филипче му порача дека за ЕУ нема да води мекотелна политика како нив.
Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата не се одважила и не го поставила главното прашање – дали има договор прво за бегството, а потоа и за враќањето на Артан Груби.
Љупчо Пренџов Фото: Принтскрин
– За случајот Груби јавноста со право е вознемирена и ги разбирам сите коментари што ги читам и ги слушам – дека кај граѓаните има револт и дека тој е затоа што ова лице во минатото, заедно со коалициските партнери во претходната влада, се однесуваше недостоинствено кон граѓаните. Таквиот начин на однесување предизвикува вакви реакции, а свеж е и фактот како луѓе од претходната власт се договараа со правосудството за пресуди. Тоа создава состојба во која логичен е револтот кај граѓаните – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во актуелната ситуација, опозиција обвинува дека власта се договорила со Груби и повика на анализа што е суштина, а што политички инженеринг.
– Јас бев најнапаѓан од Груби кога тој беше власт. Се креваа дронови над имотот на сестра ми и тој се прикажуваше како мој. Денес ДУИ ги нема во салата. Главниот таргет на ДУИ бев јас и сега, по некоја чудна логика, се пласира теза дека јас како премиер се договарам со тие што сакаат да го видат мојот политички, а дел од нив и човечки крај. Прво беше дека јас сум го пуштил, дека ДУИ го спасува Мицкоски и, на крај, ова е „дил“ меѓу Мицкоски и Груби. Ништо од ова не е здраворазумско. Фројд работи кај нив. Тие фингирале процеси и уривале влада и мислат дека и ние така работиме. Не! Бегалецот е обезбеден од органите на редот и сè друго е одлука на судската власт. Но потсвеста е чудна, сега се преиспитуваат што знае Груби за случајот „Лотарија“, за здравство или за канабисот. Седат и се вознемирени и размислуваат како сето ова ќе заврши, оти веќе го нема Љупчо Коцевски, ќе дојде нов независен обвинител или обвинителка. По фацијалните експресии им се гледа дека се нервозни и бегаат како мачиња. Но, ние сме лавови и ваквите како нив ќе одговараат, а факт е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци – рече Мицкоски.
За канабисот, премиерот рече дека шест лиценци се одземени и дека ќе бидат одземени уште неколку. Тој ја обвини опозицијата дека шири хистерија.
– Газдата на фирмата во кои се запленети повеќе од 30 тони цвет од канабис е во роднинска врска со висок функционер од опозицијата од општинска организација на Ново Село. Овие карго испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но не смеам да зборувам во интерес на истрагата. Тишината нив ги оптоварува. Тие не се жртви, туку предатори, и доаѓа времето на наплата. Кога гледаат како камионите се полнат и како се одземаат лиценци, ги јаде потсвеста, чекаат побргу да заврши истрагата за да видат дали се и тие опфатени, може некому ќе треба да му се одземе имунитетот. Немам информации, но имам чувство дека голем дел од нив ќе бидат изненадени од тоа што ќе се случи. Одговорност ќе има, а на новиот обвинител тоа ќе му биде единствената задача – рече Мицкоски.
Филипче праша кој е Душан Адамовиќ, новоназначениот конзул на Македонија во Србија, и кои критериуми се исполнети. Тој потсети дека конзулот треба да е докажан пријател на Македонија.
– На Твитер видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Треба да не е кривично осудуван, а бил навивач, му бил кренат автомобилот во воздух, му било пукано в нозе. Дали АНБ тоа го проверило? Треба да е афирмирана личност од областите на своето професионално делување. Освен што е високо позициониран член на вашата сестринска партија СНС, друго не сме виделе. И да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот на државата домаќин. Освен што се фали со свои контакти, врски и релации со Русија, ние друго не сме виделе. Кој е Адамовиќ и дали имате лични релации со него – праша Филипче.
Мицкоски го упати Филипче повеќе информации да побара од поранешниот министер за правда во претходната Влада.
– Ако вам мрежата Икс ви е репер, тогаш не би сакал да цитирам што сè е напишано за вас и за тие околу вас. А околу Душан Адамовиќ ќе го прашате поранешниот ваш министер за правда во претходната влада, тој ќе ви даде одговор подобар од мојот. Можеби ќе сакате да ве потсетам која е компанијата што требаше да ги набавува вакцините додека бевме држава со најголема смртност во Европа од ковид, или можеби ќе ми поставите прашање зошто не бевте во обвинителниот акт за Модуларната болница кога гореа живи луѓе во Тетово – рече премиерот.
Филипче незадоволен од одговорот му порача на Мицкоски дека ни Влада, ни држава не се води така, дека луѓето очекуваат поддршка од премиерот, а не кафеански муабети за Харис Џиновиќ и за Дубаи.
Дијана Тоска од Европскиот фронт го праша министерот за правда Игор Филков на кој закон се повикува кога не дозволува студентите да го полагаат на албански јазик.
– Ова е тенденција на Владата да го минимизира албанскиот јазик. Филков без никаков аргумент и без повикување на законска постапка носи ваква одлука кршејќи го Уставот и законите – рече Тоска.
Дијана Тоска Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Филков повтори дека во моментов можност за полагање на друг јазик, освен на македонски, не постои, затоа што правосудниот е стручен испит, не е управна постапка. Тој од собраниска говорница покажа двојазично уверение кое е потпишано од него и истакна дека тоа го прави за секој што тоа ќе го побара.
– Требаше некое време да сфатам на што се должи оваа хистерија што во изминатиот период беше продуцирана од одредени политички партии, но по епизодата „Артан Груби се враќа дома“, нештата се многу појаси. Што правеа вашите осум министри во изминатите 20 години. Или повторно одговорот ќе чекаме да дојде од друга страна, во постапка и затоа е цела оваа нервоза и хистерија. Времето на национал-романтизам заврши, денес ќе се работи по Устав и закон. И уште една работа што е многу битна – со кривичнaта пријава ама баш никого не плашите! – порача Филков.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Книгата „Пустинско срце“ од Ана Пејчинова, која излезе во издание на „Или-Или“, е заснована на сеќавања на вистинити настани со кои авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Димитриевски: Секоја одлука за преименување улици спротивна на законот е ништовна 2 Украина …
Сите ние во некој момент сме заглавиле на социјалните мрежи со оние „pick a card“ видеа, прашувајќи се дали универзумот се обидува да ни испрати некој знак. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Димитриевски: Секоја одлука за преименување улици спротивна на законот е ништовна 2 Украина нападна магацини за нафта на југот …