Мерц: Заштитата на Израел е „државен императив“ на Германија
Поддршката на Берлин за Израел и САД и потребата Германија повторно да стане воено силна, поради „историската ситуација“, беа двете централни пораки на денешната „владина изјава“ на канцеларот Фридрих Мерц во пресрет на претстојните самити на НАТО и Европската унија.
Препорачано
„Израел има право да го брани своето постоење и безбедноста на своите граѓани“, изјави Мерц од говорницата на Бундестагот и повтори дека заштитата на државата Израел е „државен императив“ за Германија, исто како што „државен императив“, рече тој, за Иран е уништување на Израел.
Во истата насока, канцеларот ги оправда неодамнешните американски напади врз нуклеарните постројки на Иран, нагласувајќи дека „Иран не треба да има нуклеарно оружје“ и посочувајќи дека „континуираното лажење на светот од страна на иранскиот режим за статусот на неговата нуклеарна програма покажува колку е сериозна програмата“.
Канцеларот, исто така, предупреди на ризикот од понатамошна ескалација на конфликтот: „Целиот регион не смее да биде фрлен во војна“, рече тој, и ги повика и Иран и Израел да одговорат на повикот на САД за прекин на огнот.
Сепак, канцеларот повика на истото и за Појасот Газа, истакнувајќи дека „не ја губиме од вид пошироката слика поради ескалацијата во врска со иранската нуклеарна програма и ни е дозволено критички да ја доведуваме во прашање целта што Израел сака да ја постигне во Појасот Газа“. Дојде време да се постигне прекин на огнот во Газа, нагласи тој, но категорично ја отфрли можноста за раскинување или суспендирање на договорот за асоцијација на Израел со Европската Унија. „Ова не доаѓа предвид за германската влада“, рече тој.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Фридрих Мерц повторно ја обвини Русија дека не е заинтересирана за мир, „иако ние и нашите меѓународни партнери се обидовме сè да ја донесеме Русија на преговарачка маса“. Вистинскиот, траен мир бара волја за мир од сите страни, а со новите напади врз украинското цивилно население, додаде тој, Русија покажува дека таа волја отсуствува. Канцеларот, исто така, ги повика САД да го усвојат новиот пакет санкции, тврдејќи дека засега постигнувањето мир значи вршење притисок врз Путин.
Во пресрет на самитот на НАТО, на кој ќе се ратификува и одлуката за зголемување на трошоците за одбрана на сојузниците, Мерц зборуваше за „историски“ самит и ги негираше претпоставките дека зголемувањето на целта на НАТО е резултат на притисок од Вашингтон.
„Го правиме ова врз основа на сопственото искуство и убедување (…) Бидејќи се плашиме дека Русија ќе ја продолжи војната надвор од Украина. Не смееме да се навикнеме на ужасите на војната“, нагласи тој, додавајќи дека НАТО мора да биде толку силен што никој нема да се осмели да нè нападне. Понатаму, Германија, како најголема економија во Европа, мора да ја исполни својата должност со тоа што ќе го направи Бундесверот најсилната конвенционална армија во Европа.


