Менди Ќира / Фото: Фејсбук

Менди Ќира насетил „тајна коалиција“ за блокада на Општина Струга, се закани со нови избори за советници

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денеска на прес-конференција обвини дека се формирала „тајна коалиција на опозицијата“ за да биде блокирано работењето на општината. Во неа, според Ќира, биле коалицијата околу ДУИ, СДСМ и независната листа на Рамиз Мерко.

Ваквата реакција доаѓа откако вчера пропадна и третиот обид за избор на претседател на општинскиот Совет поради немање кворум. Седницата ја напуштија осумтемина советници на коалицијата НАИ, а тројцата од независната листа на Мерко и единствениот советник на СДСМ воопшто не се појавија.

Со бојкотирањето на седницата, според Ќира, НАИ, СДСМ и листата на Мерко покажале дека „воопшто не им се важни граѓаните и проектите, туку исклучиво нивните лични интереси“. Тој ги нарече „антиграѓанска коалиција“.

„Вчера, советниците на антиграѓанската коалиција не дојдоа на седницата на Советот со цел да не ги поддржат буџетските програми, во кои се вклучени значајни проекти за 2026 година во вредност од пет милиони евра. Ова јасно покажува дека опозицијата продолжува со агонијата што ја практикува веќе 20 години и се обидува да ја примени истата политика и понатаму, на штета на граѓаните на Струга“, рече Ќира.

Тој рече дека заедно со „партиите на мнозинството“ (кои всушност немаат мнозинство во Советот, н.з.) се договориле дека ако опозицијата продолжи со блокирачките методи, во моментот кога ќе се исполнат законските услови „ќе се организираат предвремени избори за општинскиот Совет, за граѓаните да го дадат заслужениот одговор на ваквите политики“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот