Мексиканска помош пристигна на Куба, во екот на економската и енергетска криза
Брод со хуманитарна помош од Мексико и Уругвај пристигна во Хавана, во момент кога Куба се соочува со сè потешка економска, енергетска и прехранбена криза, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Според кубанските државни медиуми, бродот тргнал од мексиканско пристаниште и носел средства за лична хигиена, како и 1.700 тони жито, млеко во прав и други прехранбени производи.
Кубанскиот министер за прехранбена индустрија, Алберто Лопез Дијаз, изјави дека помошта пристигнува „во време на големи економски тешкотии“, кои, според Хавана, дополнително се влошени од американската блокада.
Тој најави дека најголем приоритет при распределбата ќе имаат децата, постарите лица и ранливите семејства.
Испораката доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Хавана, откако САД го засилија притисокот врз Куба преку санкции, ограничувања и закани кон земјите што испорачуваат нафта на островот.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани со царини за земјите што продаваат или испорачуваат нафта на Куба. На островот и понатаму има сериозен недостиг на гориво, а низ земјата продолжуваат широки прекини на електричната енергија.
За разлика од претходните пратки, кои Мексико јавно ги претставуваше како знак на солидарност со Куба, овојпат мексиканските власти соопштија многу малку детали за испораката. Министерството за надворешни работи на Мексико и кабинетот на претседателот не одговориле веднаш на барањата за дополнителни информации.
Неколку жители на Хавана се собрале додека бродот пристигнувал во пристаништето. Еден од нив, Реиниел Моралес, изјавил дека секоја помош е добредојдена, бидејќи, како што рече, „страда кубанскиот народ“.
Куба веќе со месеци се соочува со недостиг на основни производи, гориво и електрична енергија, а новата испорака од Мексико и Уругвај треба барем делумно да го ублажи притисокот врз најранливите граѓани.
Директорот на ЦИА во Хавана разговарал со внукот на Раул Кастро


