
Мехмедовиќ: Ако продолжи состојбата вака, после празниците ќе се укинат и сертификатите за влез во кафеани
Состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна, а бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати не бележи раст, коментира за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести. Тој додава дека доколку ситуацијата продолжи да се развива со истиот тек, за очекување е на некоја од наредните седници на Комисијата да се укинат целосно рестриктивните мерки кои се на сила, поточно сертификатите за вакцинација кои се бараат при влез во угостителски објекти.
Препорачано
Во меѓувреме, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, која во последните бранови на пандемијата згрижуваше најголем дел од лицата на кои им беше потребна болничка нега, две недели е затворена, од причина што бројот на пациенти коишто бараат помош поради коронавирусот е мал, па овој вакуум период беше искористен за целосно да се дезинфицираат болничките простории. Тројцата пациенти кои беа хоспитализирани на Инфективната клиника се пренесени во ГОБ „8 Септември“ каде вкупно има 17 пациенти со ковид-19. Тројцата пациенти кои беа пренесени во ГОБ „8 Септември“ не беа на кислородна поддршка и немаа развиено тешка клиничка слика од болеста.
Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов за „Слободен печат“ вели дека во болницата има наплив на пациенти кои бараат прегледи за инфективни болести актуелни за пролетниот период, па поради тоа принудени се да отворат две амбуланти, една за ковид, а другата за инфективни болести. Според него, и до 50 пациенти дневно бараат преглед за други инфективни болести неповрзани со ковид.
Последните статистики на Институтот за јавно здравје покажуваат дека од направени 1908 тестови за коронавирус, позитивни биле 127 нови случаи, од кои најголемиот дел во Скопје – 57. Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 20 реинфекции. Оздравеле 123 пациенти а починале две лица на возраст од 82 и 91 година од Скопје и од Охрид.
Моментално во државата позитивни се 802 лица на коронавирусот. Со одлука на Комисијата за заразни болести, контактите на позитивните на коронавирусот, не се следат и не добиваат решенија за изолација од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Министерот за здравство Беким Сали вели дека официјално се вакцинирани 46 проценти од граѓаните, меѓутоа дека по природен пат имунизирани се 75 отсто, што значи дека може да се сметаме за имунизирана нација. Министерството за здравство организираше караван за вакцинација во 14 општини, но резултатите беа поразителни. Интерес за вакцинација со прва доза нема меѓу граѓаните и тоа е евидентно од празните вакцинални пунктови каде дневно има само по 10 до 15 граѓани што доаѓаат за вакцинација.