Меџити го поддржува протестот за поддршка на екслидерите на ОВК во Скопје, не одговори дали ќе присуствува
Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро – рече Меџити.
Градоначалникот на Чаир и лидер на владејачката Демократско движење, Изет Меџити рече дека во принцип го поддржува протестот за поддршка на поранешните водачи на косовската ОВК закажан за 13 декември во Скопје. Тој како градоначалник на Чаир, општина каде протестот треба да се одржи, рече дека ќе даде согласност за негово одржување. Сепак, нејасно е дали Меџити ќе присуствува на протестот на плоштадот Скендербег.
Препорачано
Меџити ги даде овие коментари во изјава за „VOX Kosova“, каде што нагласи дека протестот е демократско право и дека Ослободителната војска на Косово е национална гордост.
-Во принцип, да, го поддржувам. Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост – изјави Меџити.
На прашањето дали лично ќе учествува на протестот, Меџити не одговори директно, но нагласи дека ќе даде согласност тој да се одржи.
-Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро – рече Меџити.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети веќе најави дека следниот протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг за воени злосторства ќе се одржи во Скопјe на 13 декември.
Протестот за поддршка на поранешните водачи на косовската ОВК за премиерот Христијан Мицкоски е обид на Али Ахмети за мобилизација пред конгресот на ДУИ, а не радикализација. Тој е убеден дека лидерите на Вреди нема со своето присуство да го поддржат протестот.
– Ахмети продолжува со погрешните политики и чекори што ќе го одведат до целосно дефакторизирање. Мислам дека со ова само ја потврдува тезата дека многу тешко ќе најде коалициски партнер и во иднина ако продолжи со овие политики и со овој начин на однесување. Знам дека нема поддршка од населението. Се организираат структури, според извештаите што ги добивам, од Косово и делумно од Албанија, делумно од Јужна Србија, некои други многу мали радикални структури од државава ќе дадат поддршка. Се предвидува марш од Чаир до плоштадот Скендербег. Мислам дека тоа нема да наиде на одобрение ни од меѓународната заедница и дополнително ќе го изолира, ќе го направи нерелевантен фактор и генератор на нестабилност – рече Мицкоски.


