МБА до основните и средните училишта: Рокот за пријавување за Европскиот квиз на парите е 15 февруари

Фото: mba.mk

Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ги повикува основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите, кој  е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран на финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години, а поддржан е од Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за финансии.

Европскиот квиз на парите се одвива во две фази. Првата фаза се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Северна Македонија ќе се одржи виртуелно на 24 март оваа година на македонски и на албански јазик.

Од МБА во соопштение наведуваат дека тим од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале што е закажано на 20 април од 11 до 13 часот на англиски јазик. Оттука, додаваат, националните победници треба да имаат и солидни познавања од англиски јазик.

Европската банкарска федерација ќе додели парична награда на училиштата за освоено прво, за второ и за трето место. Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!) што е едукативна платформа на база на игра.

Сите заинтересирани основни и средни училишта може да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија најдоцна до 15 февруари на електронската адреса на Македонската банкарска асоцијација:[email protected]

Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови, учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето и заедно со податоците за одделенијата/класовите, треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.

Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за  националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот