Маж со Алцхајмерова болест заборавил дека е оженет и повторно се вљубил во сопругата

Една саботна вечер минатиот декември, Питер и Лиза Маршал седеле на каучот и ја гледале омилената телевизиска емисија. Питер тогаш ја погледнал Лиза и ја прашал дали ќе се омажи за него. Но, тие веќе биле во брак, а Питeр не се сеќавал на тоа.

Си-ен-ен пишува дека тој започнал да ја губи меморијата пред три години, а по бројните тестирања, му била дијагностицирана Алцхајмерова болест. Не можел да се сети дури ниту на моментите од неговата романса со Лиза. Заборавил кога првпат се сретнале, се држеле за раце и се бакнале. Тој дури не се сеќава ни на нивната венчавка.

– Создадовме нови сеќавања, но ме боли кога ќе го прашам дали се сеќава на нешто од порано, бидејќи не може да се присети – изјавила Лиза за Си-ен-ен. Но, рекла дека многу ја трогнало тоа што нејзиниот сопруг повторно ја запросил.

– Тој двапати се вљуби во мене, се чувствував почестено, како принцеза. Јас сум најсреќната на светот – додала Лиза.

Тие на крајот ги обновиле брачните завети. Лиза не сакала да ја пропушти можноста со сопругот да создаде уште еден спомен.

Лиза и Питер се венчале на 26 април годинава.

– Влегов во тоа без никакви очекувања. Питер беше добро цел ден, беше многу среќен. Во текот на разменувањето на заветите ми рече дека ме сака, а тоа беше сѐ што ми требаше – заклучила Лиза за Си-ен-ен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот