Матичните лекари пред професионално понижување: „Јас ќе се вакцинирам, за ти докторе да кркаш”

Д-р Ненад Лазаров
Д-р Ненад Лазаров /Фото: Фејсбук

Нема сила којашто може да го разубеди пациентот што не сака да се вакцинира, да го стори тоа, вели за „Слободен печат“ матичниот лекар и претседател на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, доктор Ненад Лазаров. Досега во неговата ординација вакцинирани против ковид се нешто над 40 проценти од прикрепените пациенти, а со сите други што се обидел да разговара, формално или неформално надвор од ординацијата, не сакаат ни да слушнат за тоа.

– Ниеден пациент не сум разубедил, а сум настапувал аргументирано. Ако не сака, не сака. Првото нешто што ќе ми го каже е ,,јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент”. Не понижуваат, ни велат да потпишеме дека нема да им се случи нешто од вакцината. Како да му сугерирам некому да се вакцинира, навистина не ми е јасно. Како „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари. Не знам како би убедил некого да се вакцинира, од тие што се разубедени дека не сакаат, освен со рестрикции и ограничен пристап до јавни сервиси. Не сакаат најчесто од небулозни причини, а после кога ќе дојдат болни да ги лекувам, се каат, вели доктор Лазаров.

Тој додава дека не е во ред здравствените власти на матичните лекари да им ја префрлаат топката за неуспешно спроведената вакцинална кампања. Освен тоа, за него е спорно што нема ниту начин да пристапи до тоа кој не е вакциниран, освен ако не ги прегледува досиејата едно по едно, што одзема многу време.

– Јас имам над 3 илјади пациенти и треба да отварам еден по еден 3 илјади картони и да правам список кој не е вакциниран. Немаат систем каде ни ги даваат тие податоци, додава Лазаров.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести до Владата предложи нова мерка за зголемување на вакциналниот опфат во државата, на начин што секој матичен лекар кој ќе постигне во својата ординација 70 проценти од пациентите да му бидат вакцинирани против ковид, да добие бонус од 30 денари по пациент. За матичен лекар со 3 илјади пациенти, бонусот би бил над илјада евра.

– Оваа мерка е најголемо непочитување кон матичните лекари. Филипче веднаш да го смени советникот во примарното здравство. Јас имам ординација во Ново Село, струмичко, со 1400 пациенти. Вакцинирани против ковид ми се околу 30 до 40 проценти од пациентите. Уште од самиот старт на пандемијата, ги анимираме пациентите за бенефитите од вакцинацијата, им кажуваме дека пандемијата може да заврши само со масовна вакцинација. Секој што ќе влезе кај мене во ординација добива информација за тоа. Затоа што јас сум тој што ги лечи, во скафандер, а не преку телефон. И сега мене кога ќе ми дојде пациент, ќе ми каже во лице дека за 30 денари се обидувам да го вакцинирам. Се создава недоверба дека тоа го правиме за пари, а не базирано на медицина базирана на докази. Наместо да се осврнеме на издржаните медицински препораки и да препорачуваме вакцинација заради бенефитот од истата, сега сме ставени во позиција, пациентите да не доживуваат како профитери, вели за „Слободен печат“, матичниот лекар Митко Манчев.

Тој вели дека успева во својата медицинска пракса да ги разубеди антиваксерите што му доаѓаат во ординација да се вакцинираат на начин што им кажува дека и самиот е вакциниран, како и медицинската сестра во ординацијата, за да можат дневно да прегледуваат и по 10 позитивни пациенти со ковид.

– Оние што не сакаат да се вакцинираат имаат различни причини. Ама најголемата причина се Фејсбук и Гугл. Читаат сешто на форуми, неиздржани антивакцинални ставови. Сто доктори да му кажат дека треба да се вакцинира, тој човек се држи за еден неавторитетен извор и него го следи. Најмногу е присутен стравот, дека ќе им се случи нешто. Матичните лекари инсистираат да ги разубедуваат пациентите да се вакцинираат врз основа на медицински докази, а не заради пари, додава доктор Манчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот