Маската ја крие личната порака на креаторот

Покрај театарската програма, во рамките на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес е поставена и изложба на фотографии на театарски маски од српскиот уметник Филип Цветковиќ.

Тематската изложба на театарски фотографии со наслов „Маски“, поставена во рамките на ИФАД „Стоби“, содржи дваесет дела. Тематиката ја обработува театарската маска, како и нејзиното значење за самиот актер, бидејќи маската е дел од костимот и на актерот му го дава визуелниот идентитет.

Автор на маските е српскиот уметник Филип Цветковиќ, додека автор на фотографиите на кои се претставени маските во Велес е фотографот Никола Милосављевиќ. Маските биле изработени за потребите на претставите на Народно позориште во Ниш, Србија.

Уметникот Цветковиќ објасни дека соработката со Велешкиот театар во однос на поставувањето на изложбата се случила сосема спонтано.

– Делата се вклопуваат во концептот на фестивалот и тоа беше непосреден повод за соработка. Комуникацијата со организаторот на фестивалот се одвива на високо професионално ниво и навистина ми е драго што сум дел од традицијата која фестивалот ја има – истакна Цветковиќ за „Културен печат“.

Досегашната негова соработка со театрите била заснована само за одредени претстави, бидејќи не е вработен во театар. Рече и дека „уметноста не трпи едноличност, затоа треба да се менува работната средина и да се има широк круг на соработници“. Во однос на изработката на маските кажа дека „воопшто не е тешко да се направи маска за одреден лик – напротив, лесно е. Секоја линија, секоја точка, боја на лицето треба да има определено значење, а зад целокупната изработка на маската да стои приказна зад која се крие личната порака на креаторот“.

– Да се нацрта или да се направи маска е дел од уметноста, од сликарството и од вајарството, и нејзината изработка најмногу зависи од потребата за која е наменета. Убаво е чувството кога знаете дека сте придонеле еден лик да изгледа, речиси, совршено. Претежно сум соработувал со театри и таа театарска живост е специфична и секогаш е различна – објасни Цветковиќ.

Кога станува збор за претстави на антички драми, тој посочи дека процесот на визуелниот изглед на актерите зависи од замислата на режисерот и од тоа како тој го доживува ликот, додека костимографот, маскерот и сите други соработници се тука за да ги предложат своите идеи на начин со кој ќе се добие целината и крајниот исход.

– Најважно е добро да се прочита делото што се поставува за да може да се доживее сѐ што е потребно да се преточи на сцена, а потоа во соработка со режисерот и со костимографот се доаѓа до некое идеално решение, кога станува збор за маската – посочи Цветковиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот