Марш на ангелите во Штип: Ова не е само марш на тага и барање -правда, ова е марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност

Денес јавно прашуваме: Зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил? Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и стотици повредени за институциите конечно да се разбудат?

Денес во Штип чекорат семејствата и најблиските на нивните деца и најмили – оние што останаа со најтешката болка, но и со најголемата обврска да се борат за вистината и правдата, порачаа семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ од маршот во Штип.

-Во рацете ги носиме нивните фотографии, затоа што сакаме сите да ги видат лицата, насмевките и животите за кои повеќе од една година бараме одговори. Ова не е само марш на тага и барање -правда. Ова е марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност. Чекориме затоа што не прифаќаме молк. Чекориме затоа што нашите деца заслужуваат вистинска правда. Чекориме затоа што вистината мора да излезе на виделина и одговорност мора да има, ќе продолжиме да чекориме сè додека правдата не стигне, сè додека вистината не биде кажана и сè додека нашите ангели не го добијат мирот што го заслужуваат- рече Наталија Таневска мајка на починатиот Дамјан Таневски од Штип.

Родителите, семејствата, пријателите, другарите на загинатите поминаа пред зградата на Основниот и Апелацискиот суд и на Јавното обвинителство во Штип, а пред зградата на Секторот за внатрешни работи-Штип, се обрати Александар Наунов татко на загинатата Надица Наунов. Во говорот порача дека семејства бараат одговорност за секое непостапување, за секое одолговлекување и за секој молк што, како што вели придонесе ова да заврши со човечки жртви.

– Денес стоиме пред МВР Штип за да го поставиме прашањето за кое сите долго време чекаме одговор: Кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?, праша тој.

Според обвинителниот акт, Планот за акциска контрола за „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле преземени мерки што можеле да спречат трагедија. Денес јавно прашуваме: Зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил? Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и стотици повредени за институциите конечно да се разбудат? Требаше ли да изгубиме 63 деца, браќа, сестри, сопрузи, родители и пријатели за некој да сфати дека пропустите убиваат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал- предоцна-рече Наунов.

Семејствата прашаа до каде е постапката за инспекторите на УЈП и кој ќе одговара и кога. Од Здружението на граѓани 16 март 2025 година најавија дека Маршеви на ангелите ќе имаат во Кочани, но и во останатите градови, каде што има загинати во „Пулс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот