Марјан Забрчанец: Кампањи од јавен интерес ДА, но ако Владата повторно стане најголем огласувач во медиумите, јас ќе излезам на улица и ќе протестирам

Владата неодамна изрази потреба од медиумско презентирање на Кампањи од исклучителен јавен интерес заради што најави измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ).

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на најавата на Владата за враќање на праксата на плаќање на медиумски кампањи со јавни пари во приватните медиуми.

По тој повод, Слободен печат побара одговори од Владата. Националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец во одговорите уверува дека:

„Потребата од јавна, одговорна, ефективна комуникација која има цел да информира и едуцира кога се во прашање најважните теми од интерес на граѓаните е најважната причина зошто Владата смета дека е потребна измена на членот 102 од Законот за АВМУ со што во секој случај ќе остане забраната за владино рекламирање, а ќе се дефинираат исклучоците при кои ќе се дозволи емитување едукативни содржини преку ТВ и радио станиците на теми кои се поврзани со заштита на јавното здравје, националниот интерес и други прашања од исклучителна важност за животот на граѓаните“.

Одредени забелешки на оваа владина идеја беа поврзани со сличноста на политиките на Владата на Никола Груевски со кои медиумскиот простор беше на некој начин корумпиран за партиски цели себе рекламирање на „успесите“ на неговата Влада. За Забрчанец тоа воопшто не е исто.

Зборуваме за исклучителен јавен интерес, а не за било каков јавен интерес. Исклучително важни теми кои во моментов се од интерес на речиси целокупното население се заштитата од светската пандемија КОВИД-19 и вакцинацијата, пописот на населението, борбата со корупцијата, медиумската писменост и справувањето со дезинформациите и други слични теми. Многу е важно да се зборува за тоа и да се увиди оваа разлика, зашто и кампањата „Отвори го срцето“ на Груевски некој може да се обиде да ја врами во широките дефиниции за јавен интерес и да се обиде да троши милионски суми народни пари повикувајќи се на јавниот интерес. Но тоа заврши.“

Од Владата се оградуваат од секаква друга сличност со практиките од минатото време и како што велат: „Никогаш нема да ја промениме нашата одлука и цврста позиција дека парите на граѓаните не смее да се трошат за пропагандни политички цели, за идеолошко манипулирање со народот, за истурање милионски суми во медиумите и за сметка на тоа „купување“ на уредувачката политика, за корумпирање на медиумскиот пазар и за скапи ТВ спотови во кои се величаат ликот и делото на партискиот лидер“.

Токму затоа, велат од таму „Владата има постојана отворена комуникација со граѓанските и медиумските организации заради размена на информации и мислења за сите теми поврзани со јавниот интерес, медиумските слободи и правата на медиумските работници. Владата периодов разменува мислења и прави консултации со што е можно повеќе чинители во врска со потребата од едукативни и информативни кампањи од исклучителен јавен интерес. Овие консултации ќе продолжат и во периодот пред нас“.

Увереноста во исправноста на целите на кампањите за кои се залага Владата на Зоран Заев, Националниот координатор за стратегиски комуникации ја отврдува и со совјот личен однос доколку има било каква злоупотреба на власта за саморекламирање.

„Ако Владата повторно стане најголем огласувач во медиумите, јас ќе излезам на улица и ќе протестирам против таквата Влада“, вели Марјан Забрчанец за Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот