Марија Шарапова: Ледената кралица на спортот

twitter/US Open Tennis

Новинарот на „Гардијан“, пишува за една од најхаризматичните и најомилените спортистки во историјата.

Марија Шарапова пред два дена му кажа збогум на тенисот и тоа преку страниците на две модни изданија со кои предизвика стравопочит и симпатии.

Оваа 32-годишна Русинка, кога освои пет грен слем турнири и со својата резервираност знаеше да го привлече вниманието, ќе остане запомнета како ледена кралица на спортот, во тенисот беше повеќе респектирана отколку што беше сакана, пишува во својот коментар, новинарот на „Гардијан“, Кевин Мичел .

Без сомнение, Шарапова стана миленичка на медиумите кога со само 17 години ја победи Серена Вилијамс и триумфира на Вимблдон, но и остана миленичка до последните денови од кариерата кога беше дури 373. тенисерка на ВТА ранг листата.

Шарапова има 36 титули, а притоа заработи 38.7 милиони долари во текот на кариерата која беше одбележана со повредите но и со допинг скандалот. Кариерата и мина и во постојаната борба да ја оспори доминацијата на Серена Вилијамс која победи во 20 од нивните 22 меѓусебни пресметки.

Победите во последната година беа реткост за Шарапова, а тоа беа победи над послаборангирани тенисерки. Нејзина последна голема победа е од третото коло на Австралија Опен минатата година кога ја елиминира некогашната прва тенисерка, Каролина Вознијацки.

Во текстот кој беше објавен и во „Вог“ и во „Венити Фер“, Шарапова открива повеќе за себе од порано. Дури откри и повеќе отколку што пишуваше во нејзината биографија и во документарецот кој беше прикажан во 2016 година, веднаш откако беше позитивна на допинг тест и заработи 15-месечна суспензија, објаснува Мичел.

„Мојот мотив никогаш не беше во тоа да се чувствувам супериорна над противничките, туку во чуството како да сум на работ на провалијата поради што постојано се враќав на теренот и пронаоѓав начини како да продолжам да се искачувам“, напиша Шарапова.

САД Опен отсекогаш го сметала за место на кое може да ги „надмине очекувањата“, а за патувањата во Мелбурн вели дека ја „однеле до места кои никогаш претходно не биле дел од неа, до неверојатна самодоверба која некои луѓе ја нарекуваа „да се биде во зоната“. Тоа не можам да го објаснам, но беше добро место.

Суспензијата поради користењето на мелдониум, лекот кој се наоѓа на забранетата листа на ВАДА, претставуваше тежок удар за нејзината самодоверба и нејзиниот имиџ, но таа храбро се обиде да се носи со кризата, не дозволи да падне во заборав и најави голем кам бек на тениската сцена, кој пак не се реализира во целост.

твитер

Тениската кариера за една од наубавите спортистки на планетата, започна одлично. Марија заедно со својот строг и решителен татко, Јури, во 1994 година, без познавање на англискиот јазик и без пари, успеа да ја убеди една од најголемите менаџерски агенции, ИМГ, да застане зад неа. Партнерството помеѓу ИМГ и Шарапова траеше од 1994 година па се до нејзиното пензионирање.

Кога пристигнаа во САД, нејзиниот татко имаше само 700 долари во џеб, но и тоа беше доволно за од Флорида да започне освојувањето на женскиот тениски врв. Шарапова дури пет пати во текот на кариерата се искачуваше на првото место на ВТА ранг листата, а магазинот „Форбс“ 11 години по ред ја рангираше како најдоброплатена спортистка.

Нејзиното официјално пензионирање од тенисот, Марија Шарапова, со добра причина го објави во двата најрелевантни модни магазини, „Вог“ и „Венити Фер“, бидејќи откако е дел од професионалниот тенис, таа претставуваше модна икона и секогаш имаше гламурозна привлечност како холивудските ѕвезди.

твитер

„ Во текот на мојата кариера никогаш не се запрашав дали вредеше. На крајот испадна дека отсекогаш вредеше. Мојата ментална сила отсекогаш беше моето најсилно оружје. Дури и кога мојата противничка ќе беше физички посилна и посамоуверена или кога едносвно беше подобра, јас можев и знаев да истраам. Го посветив својот живот на тенисот кој ми го даде животот. Ќе ми недостасуваат тренинзите и секојдневието како активна спортистка, врзувањето на левата па потоа на десната патика како и затворањето на вратата на теренот пред за прв пат да го удрам топчето тој ден“, додава Шарапова.

Ова беше едно од најдолгите збогувања од спортот, збогување кое многумина го препознаа пред таа да почне да паѓа во просечноста. Но, никој не може да го оспори нејзиниот нескршлив дух со кој го надополнуваше недостатокот од талент. Доколку некогаш на теренот изгледаше подобра отколку што беше, стануваше збор за умно маскирање. Ќе ни недостасува поради еден квалитет кој го имаше во изобилство – одбегнување на расправии и јавно покажување на гневот, завршува во својот коментар, новинарот Кевин Мичел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот