Софија Јанева Чемерикиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

МАМАВИЗИЈА | Софија Јанева: Тешко ја поминав постпородилната депресија

За постпородилната депресија, како честа појава во современото мајчинство, за надносување на бебето, и тешкото породување, како и за враќањето на работа на една жена по породилно боледување. Овие важни теми како дел од мајчинството ги отвораме во шестата епизода од втората сезона на „Мамавизија“, со нашата позната инфлуенесрка Софија Јанева Чемерикиќ, која се охрабри да го сподели јавно личното искуство.

-Јас имав многу лесна бременост, но на сметка на тоа имав многу тешко породување. Почнав да се породувам природно, но се искомплицираа некои работи за време на породувањето што траеше повеќе од 12 часа. Во едне момент престана и срцевата реакција на Матео. Мораа итно да ме носат во операциона сала за царски рез – се присетува Јанева Чемерикиќ на овој значаен ден за неа, пред 10 месеци.

Првите месеци со бебе за неа биле пеколни, поминала низ многу лоши денови за кои зборува јавно за да ја утеши секоја мајка што се соочува со нешто слично.

-Додека бевме во болница јас немав млеко, многу се нервирав поради тоа затоа што сакав да го дојам син ми. Само што нè пуштија од болница, мене наеднаш ми надојде млекото, што не е добро. Поради ова качив многу висока температура и завршив во болница. Не беа поминати 40 дена кога ми се случи следниот предизвик. Матео се разболе. Не ни беше јасно како, бидејќи ние бевме многу внимателни, не го носевме никаде, но се покажа дека најверојатно закачил некој вирус додека сме го носеле на лекар, на тие редовни контроли. Тие денови беа пекол за мене, имаше моменти кога ни докторите не ми кажуваа што му е на моето дете. За среќа му се подобри состојбата и се вративме на домашно лекување – вели таа.

Сите овие стресови, додава Јанева, ѝ влијаеле на менталното здравје, кое во следниот период го зело данокот.

-Одеднаш јас почнав да тонам во монотонија, се фатив себеси како правам едни исти работи во секојдневието, притоа воопшто не посветував внимание на себеси. Не ми беше грижа како изгледам, не ме интересираше ништо околу мене, не сакав да разговарам со луѓе. Мојот фокус беше само моето бебе. Ова беше многу тежок период за мене – рече таа.

Софија Јанева Чемерикиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Јанева во „Мамавизија“ ни открива како таа излегла од постпордилната депресија и што ѝ помогнало повторно да се врати онаква каква што сите ја знаеме, весела, разговорлива и харизматична.

– Докторката со којашто разговарав ми рече дека, една од седум мајки во просек се бори со постпородилна депрсија и дека не сум само јас –  рече таа.

Надминувајќи ги сите овие предизвици како една силна мајка, Јанева ни раскажува и за убавите моменти со Матео, за тоа дека целото време на светот сака да му го посвети нему, како и за тоа дека  не ѝ било лесно да го остави во градинка кога почнала да работи. Со нас го сподели и процесот на враќање на работо по породилното боледување, што не е ни малку лесен момент за една нова мајка.

Софија Јанева Чемерикиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Емисијата „Мамавизија“ е достапна на јутјуб-каналот на „Слободен печат“, следете нè!

Автор и водител на програмата е Александра Вуксановиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот