МАМАВИЗИЈА | По двa спонтани, неуспешнo ин витро и туѓи јајце-клетки, забременила природно – убавата приказна на Кристина
Кога невозможното станува возможно. Во денешната епизода ви носиме нова херојска приказна на една жена што поминала период во солзи, тага и болка, мислејќи дека нема да може да стане мајка. Преголемата желба на скопјанката Кристина Стојанова да има дете станува реалност на еден филмски начин.
Препорачано
Таа со поддршка на сопругот се охрабри да го раскаже нивниот пат до родотелство, патот кој за неа и за нејзиниот сопруг не бил ни малку лесен. Вели, сака да ги охрабри сите што поминуваат низ нешто слично. Оваа храбра мајка поминала низ неколку ин витро процедури и спонтани абортуси, но надежта во неа никогаш не престанала да гори како вулкан дека еден ден чудото ќе се случи.
Еден обичен преглед на лекар ѝ го менува комплетно животот, ја става во искушение, очај и болка, но надежта да стане мајка не згаснува. Таа денес е мајка на слаткиот Ведран.
-Бевме на консултации кај сите лекари за борба со неплодност во државава, баравме совет и од странство. Ми беше констатирано дека јас нема да можам да останам бремена по природен пат поради моите лоши резултати, на сопругот резултатите му беа како на момче. Кај мене проблемот беше во квалитетот на јајце-клетките. Советот беше да си купиме јајце-клетки – раскажува за „Мамавизија“ Стојанова.

Оваа информација ја растревожила, товарот дека нема да може да го усреќи сопругот и целата фамилија која очекувала принова, станал поголем, со силни емоции се присетува таа пред нашите камери.
-Јас многу сакам деца, но не ми беше лесно да го прифатам моментот од туѓи јајце-клетки да имам бебе. Не дека не би го сакала тоа дете, сепак и тоа би било од моја крв, јас ќе го носам, но ми требаше време за да го испроцесирам, разберам и прифатам тој момент. Купивме јајце-клетки! Решив дека ќе направам сè, ќе поминам и низ ова само за да станам мајка – вели таа.
Стојанова во емисијата открива како оди оваа постапка и дека не треба да биде табу-тема.
-Купувањето јајце-клетки од донор не е непознат процес кај нас, многу двојки што се борат со стерилитет се соочуваат со овој процес. Јас не се срамам од тоа низ што поминав и редно е за овие теми да почне да се зборува поотворено во јавноста, како едно охрабрување за идните родители – рече нашата соговорничка.

Драги читатели, оваа приказна има среќен крај. Семејството Стојанови пред девет месеци доби принова и тоа на огромно изненадување, по природен пат.
Што и како се случило да стигнат до убавата вест, дознајте во на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор на „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.
Погледнете ги и другите епизоди.


