Габриела Коцев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

МАМАВИЗИЈА | Коцев: Имам дворога матка, докторите ми рекоа тешко дека ќе родам, а сега имам две деца

Скопјанката Габриела Коцев (28), храбра млада мајка, се пријави да биде дел од „Мамавизија“ и со јавноста да ја сподели нејзината несекојдневна приказна за мајчинството. Лекарите ја нарекле феномен. Нејзината специфична состојба – дворога матка и ендометриоза кои ѝ биле откриени во раните дваесетти години ја довеле до прашањето, дали еден ден ќе може да роди? Сите лекари ѝ кажале дека во нејзиниот случај тоа е невозможно.

Но, како невозможното станува возможно?

Таа денес е мајка на малиот Богдан и бебето Бисера. Воедно со радост ви споделуваме дека ја имавме и најмалата гостинка во емисијата, Бисера беше дел од програмата.

На 21 година ѝ откриле неправилност на матката, состојба позната како дворога матка, главен причинител за спонтан абортус.

-На рутински преглед докторката забележа дека имам дворога матка. Кога го слушнав тоа многу се исплашив, бидејќи тогаш за мене тоа беше непознат поим. Потоа ми објаснија дека се работи за вродена аномалија, тоа не е болест, но е сериозен причинител за неплодност – раскажува Коцев.

Прашала повеќе доктори, била и во Србија и од секој доктор го добивала истиот одговор, дека нема шанси да роди.

-Направив операција кај искусен доктор кај нас во Македонија. При операцијата ми беше откриена и ендометриоза. Кога дојде на визита, докторот ми соопшти дека е невозможно да имам деца – вели таа.

„Мамавизија“со Габриела Коцев/фото: Слободен печат

Неколку години потоа Габриела останала бремена по природен пат.

-Тоа беше големо изненадување за мене и за сопругот. Кога останав бремена на прегледите лекарите ми велеа дека нема шанси да го износам. Јас во текот на целата бременост бев многу позитивна, ведра. Матичната ми велеше дека секој ден е чудо за мене и бебето. Бев упорна и верував во себе, сакав да им докажам дека ќе го износам бебето до крај – рече Коцев.

И покрај ризикот, таа се породила природно. Малиот херој сега има две и пол години и се вика Богдан.

-И вториот пат забременив спонтано. Ќе напомнам што ми беше заедничко во двете бремености. Високиот притисок, за кој сакам да апелирам до секоја трудница дека не е играчка, да бидат внимателни. Исто така и во двете бремености бев патолошки случај. Со Бисера морав да се породам со царски – открива таа.

Габриела Коцев/фото: Слободен печат

Докторите, сите медицински лица, мислеле дека е ин витро, не им се верувало дека во нејзиниот случај се работи за природно забременување, како што вели, ја нарекле феномен.

-Доаѓаа лекари, медицински персонал, ме гледаа и се чудеа, ме прашуваа како е можно да родам две деца. Јас им велев дека тие треба да ми кажат, тие учеле медицина, не јас – вели Коцев.

Нашата гостинка отворено зборува за предизвиците со доењето, за тешкотиите откако се реализирала како мајка, како и за убавите моменти со новите членови на семејството. Воедно открива и трикови за полесно заспивање на бебе.

„Мамавизија“со Габриела Коцев/фото: Слободен печат

Емисијата „Мамавизија“ можете да ја гледате на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водителка и авторка е Александра Вуксановиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот