МАМАВИЗИЈА | Елена Бубало: Не ми пукна водењакот со ниедно дете, не го знам тоа чувство
Три бремености, од кои две спонтани породувања, но едната последната со царски рез ќе ја опише како пеколни пет дена од нејзниот живот. Нашата гостинка во „Мамавизија“ е една од најпопуларните тренери кај нас, Елена Бубало Михајловска, мајка на малото фраерче Андреј, принцезичката Зои и слаткиот Алексеј, сопруга на фитнес-тренерот Атанас Михајловски.
Препорачано
Како една движечка сила, жена која повеќе од 15 години ги мотивира луѓето да влезат во сала, покажувајќи како може да се креваат тегови и во деветтиот месец од бременсота без предрасуди, притоа станува репер за здравиот начин на живот на жените во блажена состојба, а потоа и за мајките со мали деца.
– Немојте да си мислите дека не ми било страв и дека не сум размислувала не дај боже нешто да се случи, кога сум вежбала во бременоста, велејќи си дека ако нешто се случи ќе ме осудат дека тоа е поради вежбањето. Но јас знам што правам, јас се водам според наука, не правам ништо од памет. И јас и сопругот сме професионалци во работата, па не е логично да сакаме да му наштетиме на сопственото дете, нели? Со првата бременсот со Андреј, се криев кога вежбав, не знам дали беше страв или срам од тие коментари и предрасуди, со кои денес научив да се справувам – вели Бубало Михајловска.
За првпат станала мајка на 27 години, вели дека потајно сакала да се релизира како мајка во дваесеттите, иснпирирана од сосптвената мајка.
– Јас имам млада мајка и таа секогаш ни велеше и мене и на сестра ми, раѓајте млади, не чекајте. Кога сега ќе ја прашам, дали да се врати времето, повторно би родила на 19 години и би се преселила во село поради љубов, таа категорично вели, да, бидејќи кога си помлад помалку размислуваш, помалку знаеш и лесно ги растеш децата. Се сеќавам кога се роди мојата најмала сестра, трето дете, 14 години помала од мене, па кога се разболе, тоа беше драми, лежеа со мајка ми во болница, сите околу неа, дури мајка ми повторно пропуше, по долги години не запалена цигара. Тој стрес не се доживува така кога си помлад – смета Бубало Михајловска.
Желбата за многудетно семејство постоела кај неа, но се плашела од целиот процес. Заслужен за тоа што го имаат третото дете е нејзиниот сопруг Атанас.
– Атанас така тактички, вешто ме натера да го посакам тоа, ненаметливо. Паметам велеше: „Дали правиш ручек за две или за три која е разликата, како вели мајка ти, ајде. Гледај ги колку се мили како си играат што ќе ни фали уште едно тука…“ И ете ме подготви за ново доживување на кое сите многу му се радувавме заедно – вели нашата соговорничка.

Елена Бубало вели дека мајките кај нас сакаат да вежбаат. Има повеќе од 300 мајки кои активно се занимаваат со тренинзи, а бремените жени варираат околу бројката 30.
– Сакам да ја покренам темата за тоа дека ни е потребна меѓусебна соработка и поддршка од гинеколозите. Од кај нив треба да почне едукацијата на жените за вежбање, уште пред да останат бремени. Вежбањето за време на бременста си носи инивидуален пристап, не сакам да бидам разбрана погрешно, секогаш нагласувам дека дозволата од лекар е најважна, но не треба да има стигма за тоа. Не може жена што пушела цигари откако останала бремна да се советува постепено да ги откажува, а да ѝ се забранува да вежба, доколку состојбата ѝ го дозволува тоа – рече таа.
Новата епизода на „Мамавизија“ со Александра Вуксановиќ ќе ја гледате премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб- каналот на „Слободен печат“.
МАМАВИЗИЈА | Стефи ја родив на 20 години, како балерина не сакав промени на телото
МАМАВИЗИЈА | На сон ми дојде дека син ми ќе се вика Џулиан, вели фотографката Стефани Христов


