МАМАВИЗИЈА | Д-р Лазаров: Зачестената неплодност се должи на пролонгираното забременување
Ние мажите после неколку месеци сфаќаме дека сме станале родители, вели д-р Ненад Лазаров во „Мамавизија“, за разлика од жените кои уште во бременоста стануваат мајки.
Препорачано
Оваа среда ви носиме една нестандардна епизода на „Мамавизија“ со нашиот гостин, татко на прекрасните Петар и Лена, сопруг на Оливера и еден од најпознатите лекари кај нас, д-р Ненад Лазаров.
Секако дека со докторот ќе начнеме и неколку клучни прашања за мајката.
На д-р Лазаров не му било ни малку лесно кога се породувала неговата сопруга.
-Искрено да ви кажам, јас на првото породување на жена ми со Петар не можев ни во болница да влезам, не па во породилната сала. Се сеќавам дека чекавме надвор на клупа со татко ѝ и тој лекар испаничен и јас збунет, што да ви кажувам. Знаете, кога сте медицинско лице и кога ви се познати многу работи, дупло е потешко отколку да сте цивил. За среќа сè помина во најдобар ред – вели тој.
Според нашиот соговорник, тоа што сè почесто семејствата се соочуваат со инфертилитет не го гледа како глобален проблем.
-Ние сме 8 милијарди луѓе на земјата, расте популацијата, значи проблемот со неплодност не може да се опише како глобална мака. Жените не треба да се навредат кога ќе им кажеме дека по 35. година сè се менува нагло. Биолошкиот часовник отчукува и тоа е факт. Неплодноста генерално се должи на тоа што сè почесто се одлучуваат да станат родители на подоцнежни години. Го разбирам моментот кариера, па и тоа дека сакаат да го видат светот, но според мене тоа е данокот на проблемот со зачнување – вели тој.

Западот ни наметна нова можност во болниците, таткото да присуствува за време на породувањето, за што докторот не се согласува дека е воопшто потребно.
-Во пракса само ќе кажам дека повеќе ни сметаат во процесот, не гледам дека има логика нивното присуство. Да се оградам, ова е мое лично мислење, не е став на болница – вели тој.
Новата епизода на „Мамавизија“ ќе можете да ја гледате премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


