МАМАВИЗИЈА | Арта Биљали-Зендели: Со скршено срце го прекинав породилното на четири месеци
Во денешната епизода на „Мамавизија“ имаме гостинка што е позната од политичките кругови – поранешна пратеничка, актуелна портпаролка на ДУИ, но ретко кој знае за неа дека е и поранешна државна шампионка во џудо. Таа е мајка на два сина. Арта Биљали – Зендели речиси и да не зборувала за приватниот живот низ медиумите и со топло срце ја прифати поканата да си ја отвори душата и да го раскаже нејзиниот пат до мајчинството.
Препорачано
Биљали – Зендели вели дека сега сфаќа дека во првата бременост помалку стравувала, за разлика од вториот пат кога кај неа доминирал стравот да не ѝ се случи нешто на породувањето и да го остави синот без мајка.
– Кога се породив вториот пат првите зборови ми беа како ми се децата и ја памтам сликата кога ги видов двајцата пред мене, срцето ми беше полно. Не знам зошто цело време ми се вртеше мислата „само да не го оставам Еди (постариот син) без мајка“ – раскажува таа.
Нашата соговорничка нагласува дека нејзината политичка инволвираност има големо влијание во домот, како што вели дури и појавувањето во „Мамавизија“ е голема одговорност за неа и претставува некаков притисок за нејзините најблиски.
– Со оваа емисија ме натеравте да ги насочам мислите настрана од политиката и за првпат во медиумите да зборувам за нешто убаво, ви благодарам за ова задоволство. Иако, одговорноста да се биде јавна личност во политиката е голема и е огромен товар за мене и моето потесно семејство – рече Биљали – Зендели.
Во емисијата се присетува на двете бремености и породувањата, воедно ни откри дека второто породилно отсуство го прекинала предвреме.
– Кога Арбан имаше четири месеци, излезе конкурс за вработување на факултет. Прашав во Министерството за образование, ако сум на породилно, дали може да се авансирам и ми рекоа дека нема да можам додека сум на породилно. Бев принудена да ја направам таа жртва, бебето што го доев го оставив дома за да почнам на работа, затоа што приликата беше неповторлива – вели таа.
Арта се присетува и на нејзиното детство и на животот во Приштина, каде што е родена, преселувањето во Гостивр, како и за нејзината силна поврзаност со нејзината мајка.
Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


