Зошто сè уште нема обвинение против напаѓачот на војникот на АРМ?

Дваесет и четиригодишниот војник на АРМ Марко Попоски,  кој на 26 октомври во 1 часот по полноќ во Струга беше прободен со нож од малолетник од Ташмаруниште не може да ја движи десната нога, тврди за „Слободен печат“ неговиот брат Воислав Попоски. Тој е фрапиран што лицето што е осомничено за прободувањето, не е притворено, туку на социјалните мрежи објавува фотографии од Грција за кои не е јасно дали се снимени сега или се стари. Но, Попоски се сомнева дека се нови фотографии.

-Криво ми е што се шета слободно. На брат ми не му гарантираат дека ќе прооди – изјави Воислав Попоски за „Слободен печат“. 

Инцидентот се случил во кафуле во Струга. Сега повредениот Марко, се обидел да одбрани малолетник од конфликтна ситуација, но пред кафулето поголема група му се нафрлила, го турнала наземи, а потоа одзади некој го прободел со нож.

-Ножот е од 13 сантиметри. Има погодено нерв во десната нога, долу во грбот. Затоа брат ми не може да ја мрда десната нога и лежи во Костозглобно во Охрид. А во меѓувреме на овој ниту пасошот му е одземен, ниту е во притвор и се шета во Грција, како што можевме да видиме од објавените фотографии на социјалните мрежи. Има признание дека тој е сторителот, ама го чекале ножот од вештачење да виделе дали има отпечатоци – ни рече Воислав.

Инаку, операцијата траела 9 часа, а при нејзиниот тек се случило и крвавење додека хирурзите го ваделе ножот забоден во телото на Марко Попоски.

„Слободен печат“ праша во Министерството за внатрешни работи и во Јавното обвинителство до каде е постапката, дали има кривична пријава против некое осомничено лице откако семејството на Марко Попоски алармираше на социјалните мрежи дека се чувствуваат онеправдани.

Полицијата ни кажа дека навистина добиле признание на вина дека малолетникот го прободел Марко Попоски.

Во врска со случајот на 26.10.2025 околу 01 часот во Струга кога 17-годишен малолетник од струшкото село Ташмаруништа со нож му нанел повреди на М.П.(24) од Вевчани, ве известуваме дека ОВР Струга ги презеде сите неопходни мерки и активности и веднаш по добиената пријава, напаѓачот е лишен од слобода, при што го призна делото, а обезбедени се и потребните материјални докази, како и сведоци кои биле присутни за време на нападот. Известен е јавен обвинител од ОЈО Струга, кој даде насоки делото да се работи во редовна постапка и напаѓачот да биде пуштен, што и е направено околу 14 часот. Во врска со сите дополнителни информации за овој случај, треба да се обратите до ОЈО Струга, во чија надлежност е истрагата, изјавија од МВР за „Слободен печат“. 

Од ОЈО Струга пак велат дека до овој момент не е поднесена кривична пријава за настанот.

Јавен обвинител е известен дека МВР постапува за документирање на настанот, обезбедување докази и вештачења. Лицето за кое постојат индиции дека е можен сторител е малолетно и доколку се обезбедат докази кои ќе дадат основано сомнение дека тој навистина го извршил делото, постапката за него ќе се води од страна на судија за деца и согласно Законот за правда на децата, велат од Обвинителството за „Слободен печат“. 

Случајот се прошири на социјалните мрежи вчера, кога братот на Марко Попоски на Фејсбук објави фотографија од осомничениот нарекувајќи го „убиец во обид кој слободно се шетал низ Грција и објавувал фотографии на Инстаграм“.

Наместо да биде во притвор за обид за убиство, тој ужива во слобода. Наместо да му бидат одземени патните исправи, државата му дозволува да патува како ништо да не се случило. Зарем требаше да биде убиен брат ми за тој да биде процесуиран и притворен? Дали само одземен живот е црвена линија некој да се смести во притвор, а потоа во затвор? Ова не е правда. Ова е срам. Ова е пораз на системот, на полицијата, на обвинителството и на државата која тврди дека е правна, напиша тој. 

Прозивајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, тој праша „каде е законот кога жртвата е во болница, а насилникот на одмор“.

Каде е државата кога семејства страдаат, а сторителите се наградуваат со слобода? Ние не бараме милост, бараме правда. И нема да замолчиме додека не ја добиеме, вели Воислав Попоски. 

„Брат ми се бори за живот, а напаѓачот се шета по Грција и става слики на Инстаграм“: Граѓанин го прозва Тошковски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот