Малезија планира да ги забрани социјалните мрежи за малолетници под 16 години
Малезија планира да ги забрани профилите на социјалните медиуми за лица под 16 години до 2025 година, додавајќи го своето име на листата земји што усвојуваат построги правила за заштита на малолетниците на интернет, пренесува Ал Џезира.
Препорачано
Министерот за комуникации Фахми Фанџил изјави во неделата дека владата ги разгледува моделите што се користат во Австралија и други земји за воведување ограничувања на возраста. Тој рече дека целта е да се заштитат младите луѓе од опасности како што се онлајн малтретирање, финансиски измами и сексуална злоупотреба на деца.
„Се надеваме дека во текот на следната година, платформите ќе се придржуваат кон одлуката на владата да им забрани на корисниците под 16 години да креираат сметки“, им рече тој на новинарите во видео објавено од локалниот весник „Стар“.
Дебатата за влијанието на социјалните медиуми врз менталното и физичкото здравје на децата се интензивира на меѓународно ниво. Во САД, големите компании како што се „Тикток“, „Снепчет“, „Гугл“ и „Мета“ се соочуваат со тужби поради нивната улога во влошувањето на менталното здравје на младите луѓе.
Во меѓувреме, Австралија се подготвува да ги деактивира профилите на корисниците под 16 години следниот месец, додека земји како Франција, Шпанија, Италија, Данска и Грција заеднички тестираат технологии за верификација на возраста.
Во последниве години, Малезија го зголеми надзорот врз дигиталните платформи поради порастот на содржини како што се нелегалното онлајн коцкање и објавите што допираат прашања поврзани со расата, религијата и кралското семејство.
Од јануари, платформите и услугите за пораки со повеќе од 8 милиони корисници мора да добијат лиценца за работа според новите регулативи.
Австралија: „Мета“ ќе забрани деца под 16 години да ги користат нејзините платформи од 4 декември


