Македонските одбојкари поразени од Холандија на стартот од Европската лига
Најдобрите македонски одбојкари загубија со 0:3 (19:25, 21:25, 22:25) од Холандија на отворањето на Европската лига 2026 пред својата публика во салата „Парк“ во Струмица. „Лалињата“ важеа за фаворити и ја потврдија таквата улога на теренот и покрај тоа што избраниците на селекторот Јошко Миленкоски дадоа сè од себе за соодветно да му парираат на ривалот.
Препорачано
Македонските репрезентативци влегоа сигурно во мечот и игравме поен за поен со Холанѓаните се до 8:8. Покрај стандардните Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, средните блокери Маџунков и Савовски и либерото Ричлиев, освежување во поставата беа Лука Костиќ и Стојан Илиев, како и второто либеро Филип Јованов.
Делувавме стабилно на теренот, но во моментите кога не успевавме да го скротиме противничкиот сервис Холандија ја направи првата серија од 0-3 (8:11), а потоа имавме проблем и да ги запреме средните блокери и се најдовме на највисока негатива од пет поени 12:17. Селекторот Миленкоски реагираше со тајм-аут, „проработе“ и блокот, во нападот бевме трпеливи (според посакуваното) и се доближивме на 17:20. Не најдоа решение за противникот во финишот на мечот нашите одбојкари и со 19:25 го загубија сетот.

Во продолжението игравме уште похрабро и понудивме силен отпор не дозволувајќи „лалињата“ да се опуштат ниту во еден момент. Селекторот Миленкоски комбинираше на примачката дијагонала и им даде шанса во игра на сите што ги имаше на располагање.
Факт е дека Македонија постојано беше во позиција да брка резултат, но секогаш наоѓаше начин како да остане во игра и да му пркоси на фаворитот. По голема борба ги загубивме и другите два сета, а со тоа и мечот.
Капитенот Никола Ѓоргиев со 11 поени беше најефикасен, следен од Стојан Илиев со осум поени, додека Лука Костиќ и Филип Савовски имаа по шест поени, а Филип Маџунков реализираше пет поени.
Вториот натпревар на турнирот во Струмица, Македонија го игра в недела кога ќе го пречека Луксембург, од 19.00 часот, во салата „Парк“.


