Македонските Бугари бараат од Пендаровски да не ги нарекува малцинство, сакаат да бидат дел од процесот на уставни измени

Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола
Културен центар „Иван Михајлов“ - Битола (Фото: Фејсбук)

Претседателот на Културниот клуб „Ванчо Михајлов“, Љупчо Георгиевски со писмо му се обрати на претседателот на државата Стево Пендаровски и од него бара да не „агитира“ кај европските сојузници дека македонските Бугари се фашисти, да не си игра со терминот „малцинство“, да запре говорот на омраза во, како што стои, контролираните медиуми, да запре корумпирањето на јавни личности во Софија… и со порака дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е привилегија, туку право.

Во писмото од Клубот се наведува дека по повеќе од три децении од „крајот на југословенската окупација“ на, како што стои, нашата Македонија, македонските Бугари очекувале да добијат слобода и правда рамноправно со останатите народи кои живеат во земјата. Притоа потсетуваат дека тој проблем веќе е европски, па никако не може да се поништи фактот дека во Северна Македонија има бугарско прашање, кое може да се реши само со алатките на демократијата и владеењето на правото.

„Тепањата на македонските Бугари, отпуштањата од работа, палењето и пукањето на нашите клубови, ослободувањето на сторителите, забраната на нашите здруженија, говорот на омраза во контролираните медиуми, сквернавењето на нашите споменици и фалсификувањето на нашите историја – ништо нема да не спречи затоа што.. .ние сме народот! Ние сме луѓе на цар Самуил, на преродбениците, на егзархијата, на илинденци, на Гоце, на Тодор Александров и на Ванчо Михајлов. Нашето вклучување во Уставот на РСМ не е привилегија, туку право. Очекуваме од вас јасно да ја кажете вистината – дека без уставни гаранции за правата на бугарскиот народ во Северна Македонија, нашата земја ќе остане зад оградата на слободниот свет“, пишува во писмото.

Македонските Бугари му нудат помш на Пендаровски во „тешката задача“ шесте букви „Бугари“ да се внесат на три места во Уставот и бараат да учествуваат во процесот.

„Ние сме сигурни дека не можете да разговарате за нашиот статус зад грб и да тврдите дека барате решение. Без нас и со наметнување формули кои би ја камуфлирале нашата нееднаквост, проблемот со нашиот статус нема да се реши. Очекуваме да бидеме поканети да бидеме слушнати во Скопје, како што бевме поканети и слушнати во Европската комисија во Брисел. Адресите на кои очекуваме да ги добиеме вашите покани ви се добро познати – тие се истите оние на кои беа испраќани луѓе да не запалат и да пукаат во нас“, се додава во писмото до Пендаровски.

За да му помогнат, како што велат, македонските Бугари имаат четири молби до претседателот.
Првата молба е кога јавно го коментира ова прашање да не си „игра“ со терминот „малцинство“ бидејќи тие не биле малцинство, обвинувајќи притоа за фалсификуван попис.

Исто така го повикуваат Пендаровски да не „агитира“ кај европските сојузници дека македонските Бугари се фашисти, потоа да побара од бебзедносните служби да не ги трошат парите одданочните обврзници на формирање лажни бугарски здруженија, бидејќи „сега е 2023 а не 1945 година“.

На крајот му порачуваат дека не може да ги поколеба со корумпирање одделни јавни личности во Софија, а нивната борба била само нивна „до сонцето на слободата“ и го повикуваат да ја прифати подадената рака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот