Македонскиот писател Томислав Османли е добитник на кинеска книжевна награда

Томислав Османли / Фотографија: Приватна архива

Еден од двајцата победници во категоријата за роман на кинескиот книжевен конкурс „Џенг ниан кап“ 2023, распишан од пекиншкиот Музеј на литературата за свесност, е македонскиот писател Томислав Османли.

Наградата е доделена за српското издание на романот „Бродот. Конзархија“, кое во издание на новосадската издавачка куќа „Агора“ и во превод на македонскиот писател, уредник и преведувач Сашо Огненовски, во соседната земја излезе од печат минатата година со финансиска поддршка на македонското Министерство за култура.

Романот „Бродот. Конзархија“, со поднаслов „Холограф“, изворно беше објавен од македонското книгоиздателство „Магор“ во 2016 година. Како и македонското, и српското издание на романот на Османли доби повеќе, вонредно позитивни критички одгласи и медиумски афирмации.

Инаку, станува збор за дистопија чие дејство се случува во блиската иднина во 2039 година, во една драстично сменета општествена, економска и политичка, сосем виртуелизирана реалност.

На конкурсот одржан во главниот град на Кина, во категоријата „Роман“, покрај нашиот автор, истоветна награда доби само уште еден автор, романската писателка Мариана Кунбар Селма.

Конкурсот „Џенг ниан кап“ е голем меѓународен и мултидисциплинарен уметнички натпревар и беше распишан за национални литературни творби од сите жанрови, како и за калиграфија, сликарство и фотографија. Организатори на големиот меѓународен културен настан се повеќе институции и креативни групи.

Во доменот на литературата се доделени три категории прозни награди, како и награди за раскази, за новела, за биографска и книжевна есеистика, награда на млад творец и три награди за поезија. Во категоријата Трета награда, една од вкупно триесетте добитници е Елизабет Дончевска Лушин, исто така од Македонија.

Меѓу наградените книжевни творци се авторки и автори од Италија, Грција, САД, Индија, Турција, Либан, Русија, Данска, Кипар, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Бугарија, Канада, Индонезија, Нигерија, Сингапур, Колумбија, Хрватска, Филипини, Бангладеш, Босна и Херцеговина, Франција, Романија и од Македонија. Церемонијата на доделување на наградите, се очекува да се одржи околу 20 јули годинава.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот