
Македонскиот диригент Џијан Емин со пијанистот Франческо Тристано ќе настапат со Филхармонијата на Луксембург
Несекојдневно патување низ музичките епохи е најавено на концертот под диригентско водство на нашиот Џијан Емин, кој со светски познатиот пијанист Франческо Тристано на 25 јануари ќе настапи со Филхармонијата на Луксембург.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Музичкото патување со Филхармонијата на Луксембург ќе почне со Концерт за пијано и оркестар во Д-мол од Ј.С. Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучително и авторски дела на Џијан Емин и Франческо Тристано, која ќе биде надополнета со користење електроника и звучен дизајн.
Концертот во Луксембург е уште еден од низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија на џез-фестивалот во Гимараеш, каде што имаше авторски концерт на затворањето на престижниот фестивал заедно со симфонискиот оркестар на Гимараеш.
Џијан Емин е роден во Скопје. Тој е сестран музичар со големо музичко искуство. Од водач на хорнистите во Македонската филхармонија, до вешто свирење импровизирана музика или џез (на некој од многуте инструменти што ги владее), од диригирање на меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање партитури за филм и театар, до свирење на гитара или на клавијатури со рок-групи, до продуцирање албуми и како уметнички директор на фестивали, Џијан блеска до крај, секогаш додавајќи скапоцен изворен глас и неспоредлива музикалност.
Како еден од водечките современи музичари од Македонија и регионот, Џијан, исто така, стекна голем авторитет низ целиот свет, како природен след кога станува збор за толку високо ниво на музицирање. На списокот на музичари со кои соработувал се вклучени светски познати автори, како Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано, Курт Елинг, Френк Лондон, Малколм Бурн, Јан Банг, Арве Хенриксен, Луис Бонила, Франческо Беарцати, Лука Акино, Џанлука Петрела, Дамо Сузуки, „Ер“, Глорија Естефан, Рико Волшебникот („Дафт Панк“), Рамбо Амадеус, Дарко Рундек, Кирил Џајковски, „Архангел“, Феми Кути, Влатко Стефановски и многу други.
Како диригент/продуцент на различни проекти неговата работа е претставена и изведена со повеќе симфониски оркестри, како Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, Оркестарот „L’amoureux“ во Париз, Симфонискиот оркестар Фландрија – Белгија, Македонската филхармонија, Грузискиот национален оркестар, Национален оркестар на Лорен, Симфониски оркестар Гимараеш, а од минатата година е главен диригент на Националниот џез-оркестар во Скопје.
Тој беше витален дел од многу други оркестри, вклучително и Белградската филхармонија, оркестарот „No Borders“, „East West World Orchestra“, „Фејм‘с оркестар“ и многу други. Се појавува на десетици албуми, од кои на десетина како лидер. Има компонирано, оркестрирано и снимено музика за многу играни филмови, театарски претстави и безброј дела за реклами и слично.

Додека беше во престижната њујоршка школа Џулијард, Франческо Тристано ги постави темелите на своите амбиции како толкувач на музиката на Бах: свиреше и ги сними концертите за пијано со неговиот ансамбл „The New Bach Players“, како и „Варијации Голдберг“ (под малата етикета „Accord“). Набргу потоа, тој потпиша договор со француската издавачка куќа „Infiné“, каде што ги објави своите први плочи во комбинација со електроника и пијано.
Големиот скок на Тристано се случи во 2011 година, кога потпиша договор со „Дојче Грамофон“, со кој сними три програми инспирирани од неговиот растеж како концертен пијанист со меѓународно признание. Првиот беше „Бах/Кејџ“ (2011) – истражување на звучниот простор каде што музиката на Јохан Себастијан Бах и Џон Кејџ коегзистираа и покрај оддалеченоста од три века. На неговата трета плоча за „Дојче Грамофон“ со наслов „Скандал“ (2014), која ја сними со Алис Сара От, програмата беше заснована на пијано изведби на дела компонирани од Морис Равел, Николај Римски-Корсаков и Игор Стравински за легендарните руски балети.
Во 2017 година, Франческо Тристано ја започна својата соработка со „Sony Classical“. Во неговиот најнов албум „Tokyo Stories“ (2019), тој ѝ оддава почит на Јапонија и ги доловува атмосферите и искуствата акумулирани низ годините кога ја посетувал земјата како уметник и се потопувал во нејзината култура.
Луксембуршката филхармонија е основана во 1933 година како дел од радиодифузните активности на Радио Луксембург (РТЛ) и е јавно управувана од 1996 година, а субвенционирана е од Министерството за култура на Големото Војводство и финансиски поддржана од Градот Луксембург.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 265, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.01.2025)