Македонски народен театар: Премиера на „Последната лента на Крап“ со Ѓорѓи Јолевски

Монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, а во изведба, режија и продукција на првенецот на Македонскиот народен театар, Ѓорѓи Јолевски, го одбележа крајот на годината во МНТ. Премиерата се одржа на 30 декември на малата сцена, а претставата е копродукциски проект помеѓу Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“ од Скопје.

Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Преводот на текстот од англиски на македонски јазик го направи драматургот Владимир Јанчевски. Сценографското решение, дизајнот на плакатот, како и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, костимографијата е на Ивана Каранфиловска-Угуровска. На дизајнот на светлото работеше Дарко Младеновски во соработка со светло-операторот Игор Митревски, а на дизајнот за тон – Ненад Трпеноски.

Монодрама „Последната лента на Крап“ (Фотографија: Кире Галевски)

„Последната лента на Крап“ е претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет! На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А, стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша.

Ова е претстава за изолацијата, за стареењето, за кревкоста на сеќавањето, нашиот комплексен однос со технологијата, во еден свет во кој времето неповратно минува, низ бројни ограничувања со кои не соочува самиот живот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот