Македонската премиера на филмот „Сестри“ на Дина Дума ќе го отвори 42. ИФФК „Браќа Манаки“

Режисерката Дина Дума и продуцентката Марија Димитрова со Специјалната награда на Карлови Вари

Македонската премиера на филмот „Сестри“, добитник на Специјална награда на Карлови Вари, на 16 септември ќе го означи почетокот на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Станува збор за прв долгометражен филм на режисерката Дина Дума и кинематограферот Наум Доксевски, а филмот влегува и во официјалната конкуренција за наградата „Златна камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“.

Филмот открива едно тинејџерско друштво, во кое поважно е да се забавуваат следбениците на социјалните мрежи отколку да се негува нормално пријателство. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска (Маја), Миа Жиро (Јана), Ханис Багашов, Мај-Линда Косумовиќ и Верица Недеска.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов. „Сестри“ е копродукција помеѓу С Македонија, Црна Гора и Косово.

Добитникот на „Златна камера 300“ за животен опус на 42. ИФФК „Браќа Манаки“, Кристијан Бергер, е еден од најприсутните светски кинематографери на фестивалот. Бергер е професор на Филмската академија во Виена и изумител на новиот „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“, што го направи во соработка со „Бартенбах лихтлабор“, за кој ќе се одржи и работилница во рамките на фестивалската програма.

Системот овозможи многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија, но им даде и слобода и флексибилност на актерите и режисерите, бидејќи ја елиминира потребата од многу кабли, сталки, филтри, електрична опрема и техничари што мора да бидат околу актерите во моментот на снимањето на сцената.

Речиси сѐ што е најзначајно во опусот на Михаел Ханеке е визуелно потпишано од Кристијан Бергер

Врвот на својата авторска креативност како водечки европски и светски кинематографер Бергер го постигнува со тандемската соработка со водечкиот, не само австриски, туку и европски и светски режисер и сценарист Михаел Ханеке. Речиси сѐ што е најзначајно во опусот на Ханеке е визуелно потпишано од Бергер, а врвот на нивната плодна тандемска соработка е ремек-делото „Белата панделка“, што во Кан во 2009 година им донесе „Златна палма“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Видео на денот