Македонија повторно омилена земја за мигрантите кои бегаат кон ЕУ

Повеќе од 1.000 мигранти се откриени во изминативе две недели од МВР при нивниот обид илегално од Грција, да ја минат територијата на Македонија и да се упатат кон ЕУ.

Повеќе од 1.000 мигранти од земјите од Блискиот Исток, Африка и Азија се откриени во изминативе две недели од македонската полиција при нивниот обид илегално од Грција, да ја минат територијата на Македонија и потоа да се упатат кон некоја од земјите од Европската Унија. Само вчера полицијата откри 59 мигранти.

Според МВР, во куќа во кумановското погранично село Ваксинце откриени се 51 мигрант, меѓу кои имало и шест малолетни лица. Триесет и осум од мигрантите биле од Пакистан и 13 од Авганистан. Истиот ден пак откриени се други осум мигранти од Пакистан. Тие биле превезувани во автомобил „рено меган“ кој сообраќал на автопатот Скопје – Куманово. Возачот на автомобилот кај патарината „Романовце“ удрил во полициско возило. Во несреќата нема повредени. По незгодата, возачот на возилото избегал, а во возилото биле пронајдени мигрантите.

Од полицијата велат дека тимот кој се справува со илегална миграција покажал големи резултати откривајќи 878 илегални мигранти кои сакале да влезат во земјава, од кои дури 680 се откриени на граничниот премин Богородица.

– Пред некој ден во камион беа откриени 142 илегални мигранти, а лицето кое го сторило тоа кривично дело е идентификувано и против него, во соработка со јавното обвинителство, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Земјата се уште се соочува со предизвиците од илегалната миграција. Откривањето на мигрантите на овој потег во државата се поместува југоисточно, во струмичкиот регион. Во изминатот период најчесто мигрантите ја користат планината Беласица за илегално преминување на државната граница. Како рутата за илегални преминувања се поместува кон струмичкиот регион, така се засилуваат и контролите и на овој дел од Југоистокот. Со отворањето на границите на европските држави се зголемува и притисокот за влез и транзит на мигранти низ земјава. Само во март, април и мај годинава откриени и фатени се 3.047 мигранти – велат од полицијата.

По забележителниот пад на мигрантските текови во април, бројот на бегалци кои сакаат да стигнат до ЕУ повторно драстично се зголеми. Во мај, недозволеното преминување на границите преку главните мигрантски рути во Европа се зголеми три пати во однос на претходниот месец. Според податоци на граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, станува збор за 4.300 нелегални гранични преминувања. Најактивно користената рута, според извештаите, била Источниот Медитеран преку Турција и Грција.

Во мај, Фронтекс таму регистрираше 1.250 нелегални премини, што е осум пати повеќе отколку во април. Од јануари до мај се потврдени 12.700 случаи, што е за 28 отсто помалку отколку во истиот период лани. Повеќето мигранти пристигнуваат од Авганистан.

Повеќе од 900 нелегални премини преку границите се регистрирани во мај преку западнобалканската рута, што е десет пати повеќе во споредба со април. Во периодот јануари – мај се регистрирани над 6.900 случаи, што е зголемување за 50 проценти во однос на истиот период лани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот