Македонија не бега од вето, но тоа да е поврзано со Kопенхашките критериуми, а не со идентитетските прашања, вели Сиљановска Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова деновиве е во Љубљана, Словенија, каде денеска одржа предавање на Правниот факултет и порача дека „Македонија има претрпено многу промени на својот Устав на патот кон ЕУ, но спорни или личат на уставен инженеринг се оние што се иницирани однадвор, како оние што призлегоа од Рамковниот договор, потоа и од Преспанскиот, за кои нè убедуваа дека се последни“.
Препорачано
Според претседалката, сега повторно се бара од Македоија промена на Уставот за вметнување на Бугарите во него за да ги почнеме преговорите.
„Нашето соломонско решение е доколку ги направиме измените и тие навистина бидат последни, да стапат во сила по завршувањето на преговорите. Ние не бегаме од вето, но тоа да биде поврзано со Kопенхашките критериуми, а не со идентитетските прашања“, порача Сиљановска-Давкова, која одржа предавање на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
Ова сè се случува, рече таа, иако по распадот на Југославија, Македонија и Словенија од Бадентeровата комисија беа оценети како земји што уставно ги исполнуваат условите да бидат признаени од тогаш Европската заедница.
Таа смета дека и покрај тоа што Бугарите не се споменати во Уставот, тој им ги гарантира истите права на оние што веќе се споменати во него.
„Исто така, треба да се спомене дека Бугарија во својот Устав нема посебен член што ги гарантира правата на малцинствата во земјата и оти има и голем број пресуди од Судот за човекови права во Стразбур во однос на одредени права на Македонците, кои таа, односно нејзините судови, не ги почитуваат. Ние како држава имаме поголеми гаранции за малцинските права отколку што имаат многу земји членки на ЕУ“, рече Сиљановска-Давкова додавајќи дека процесот на пристапување не смее да биде билатерализиран, особено не за идентитетски прашања.
Како едно од можните креативни решенија за ова прашање, додаде, е можноста да се искористи и правото 1/3 од земјите да побараат од Европскиот совет одземање на правото на глас на нејзина земја членка доколку таа ги прекрши принципите на Унијата.
Инаку, при официјалната посета на Словенија, таа вчера се сретна со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар, а по средбата Сиљановска-Давкова имаше и работен ручек со претседателот на Државниот збор на Словенија, Зоран Стевановиќ.


