ВИДЕО: Македонија ги загуби шансите преку Лигата на нации, Грузија е во плеј-офот за ЕП 2024

Македонија по вторпат беше совладана од Грузија во Лигата на нации/Тбилиси, Грузија/23 септември 2022/фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Во претпоследниот, петти натпревар од групата „4“ од Лигата „Ц“ во Лигата на нации македонската А репрезентација загуби вечерва во Тбилиси со 2:0 од Грузија и на тој начин ги загуби и теоретските шанси за освојување на првото место во групата.

Во првото полувреме имавме повеќе контрола на топката, бевме поблиску да постигнеме гол, но немаше реализација. Првата убава шанса ја имавме во 10 минута преку Спировски кој упати силен удар од околу 20-25 метри, но успешно одбрани грузискиот чувар на мрежата, Мамардашвили.

Домаќините не правеа преголем притисок на нашата половина, ни дозволуваа повеќе да имаме од играта, повторно се заканивме преку Спировски (21`), но и овојпат Мамардашвили излезе како победник. И три минути подоцна имавме шанса, Барди сакаше да ја затресе грузиската мрежа, но и тој беше неуспешен.

фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Полека противникот се ослободуваше од притисокот, иако не беше така опасен во своите акции. Првата серизна прилика ја имаа домаќините преку Абурџаниа кој шутираше, а прва одлична интервенција имаше Димитриевски во 34 минута.

По изведениот корнер во следната минута, првата најголема опасност кај ривалот Кварацхелија во обид да пронајде некого од своите соиграчи во казнетиот простор, го удри Миовски од чие тело заврши топката во мрежата на Димитриевски за водство на Грузија од 1:0.

Го започнавме второто полувреме со три нови прекрасни можности да израмниме, најпрвин преку Елмас кој го затресе надворешниот дел од мрежата на Грузија во 47 минута, играчот на Наполи 120 секунди подоцна се обиде со глава, а во 52 минута Миовски кој избегна офсајд позиција од непосредна близина не успеа да дојде до погодок.

фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

И кога повторно имавме контрола на играта, направивме грешка на средината на теренот која ја направи Велковски, противниците ја украдоа топката, во контра Зивзивадзе асистираше до Кварацхелија за зголемување на позитивата на 2:0 во 64 минута.

Можеше многу лесно Грузија да постигне уште еден гол преку Зивзивадзе во 71 минута, но за наша среќа, шутираше покрај голот на Димитриевски.

Македонија чекаше на нова шанса до 80 минута кога од слободен удар се обиде Барди, но никако не можевме да го најдеме патот до мржата на Мамардашвили. Во 84 минута дебитантски настап во дресот на нашата А репрезентација запиша играчот на Вараждин, Агон Елези, како замена за Барди.

фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

До крајот на мечот Грузија ја задржа предноста и со новиот триумф против нас го обезбеди првото место, воедно ќе оди во повисок ранг (Лига „Б“) и ќе игра во плеј-офот за пласман на Европското првенство во кој се и селекциите на Турција, Грција и Казахстан од „Ц“ сегментот. Последниот меч Македонија во групата ќе го има на 26 септември во Скопје против Бугарија.

Шансата за пласман на следното ЕП ќе ја бараме преку главните квалификации, а жрепката е на 9 октомври.

УЕФА Лига на нации

Лига „Ц“, група 4

Грузија – Македонија 2:0 (1:0)

Македонија: Димитриевски, Зајков, Муслиу, Д. Велковски (Серафимов 72`), Алиоски, Елмас, Барди (Елези 84`), Спировски (Трајковски 68`), Ашковски (Тодороски 68`), Миовски, М. Ристовски (Атанасов 73`).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот