Македонија без голови на полувреме – бледо издание против Казахстан
Фудбалската репрезентација на Македонија одигра разочарувачки прво полувреме и замина на пауза со резултат 0:0 против Казахстан, во последниот домашен меч од квалификациите за Светското првенство. И покрај улогата на изразит фаворит, избраниците на Благоја Милевски не успеаја да ја наметнат својата игра и се мачеа против дисциплиниран и храбар противник.
Препорачано
Гостите од Казахстан започнаа отворено и без притисок, создавајќи неколку опасни ситуации пред голот на Столе Димитриевски, кој мораше да интервенира по ударите на Чесноков и Кенжебек. Македонија се ослободи од почетниот притисок по десетина минути, а првата посериозна шанса ја имаше Милан Ристовски по одлично нафрлување на Езџан Алиоски, но голманот Сеисен беше сигурен.
Во завршницата на првиот дел, „црвено-жолтите“ конечно се разбудија и создадоа неколку одлични можности. Ристовски се обиде со атрактивни „ножички“, потоа следуваа шанси на Велковски и повторно на Ристовски, но мрежата на Казахстан остана недопрена.
И покрај неколкуте обиди пред паузата, Македонија не успеа да ја најде вистинската игра. Јасно е дека селекторот Милевски ќе мора да внесе свежина и промени во второто полувреме доколку сака неговиот тим да дојде до посакуваната победа.


