Долгите редици во маркетите ќе станат минато: Наскоро Македонците ќе купуваат со скенирање на кодот на производот

фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Народна банка и Финансии подготвуваат нова правна рамка во сферата на плаќањата.

Граѓаните на нашата земја наскоро ќе ja имаат можноста за иницирање на плаќања со користење на QR кодови.

Отакако деновиве се појави информацијата дека граѓаните на Србија ќе можат да плаќаат стоки скенирајќи ги QR кодовите со помош на смартфоните, од Народна банка за „Слободен печат“ велат дека може да се очекува и кај нас воведување на ваква техологија.

Оттаму велат дека активно ги следат најновите трендови во плаќањата и се посветени на обезбедување на потребните регулаторни услови за нивна имплементација. Ова е особено важно за трговците кои веднаш ќе добијат пари за продадена стока наместо да чекаат неколку дена, како што е инаку случај кога плаќањето се врши со картички.

– Во овој контекст, ние и Министерството за финансии ја подготвуваме новата регулативна рамка, којашто транспонира соодветна регулатива на ЕУ, и со којашто ќе се овозможи појава на нови даватели на платежни услуги и оператори на платни системи кои се очекува да внесат поголема конкуренција во платежната сфера. На овој начин, очекуваме дека ќе се зголеми интересот кај деловните субјекти за воспоставување на инфраструктура за извршување на инстант плаќања, а со тоа ќе се забрза воведувањето и прифаќањето на новите технологии во сферата на плаќањата, вклучувајќи ја и можноста за иницирање на плаќања со користење на QR кодови – велат од Народната банка.

Експанзијата на нови услуги за е-плаќање го намалува количеството на готовина во оптек, практика во многу развиени земји во светот. Тоа значи дека се помалку ќе се користат пари, па и плаќања со картички, а тоа пак во голема мера ќе им го олесни пазарувањето на граѓаните, така што не ќе мора да чекаат ред во продавниците и големите маркети.

Шведска се смета за лидер по ова прашање, која изнесе план да стане општество без готовински средства до 2023 година.

– Како централна банка ги поттикнуваме и активно ги поддржуваме овие процеси и сме отворени за соработка со заинтересираните субјекти од  финтек-индустријата, заради што неодамна, на нашата веб-страница ја отворивме и Портата за иновации чија цел е да го олесни, да го поттикне и да го поддржи развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи, вклучувајќи ги и платежните услуги. Преку оваа платформа за комуникација помеѓу финтек-секторот, Народната банка и други релевантни институции, ќе се олесни согледувањето на интересот и потребите на приватниот сектор кои ќе бидат земени предвид при изготвување на новата правна рамка во сферата на плаќањата – додаваат од Централната банка.

Владите на многу земји во Западна Европа донесуваат закони со кои речиси целосно се исклучува готовината од промет.

Кина е една од земјите која е лидер во овој сегмент, па поради тоа веќе подолго време може да се извршат плаќања на овој начин. На пример, кога се изнајмува автомобил, тоа се прави преку апликацијата и само пристигнувате на договорената локација, каде што ве чека автомобилот.

Кина, како една од најголемите и најбрзорастечките економии создаде долгогодишен план да се ослободи од парите од хартија и да се префрли целосно на електронско плаќање. Овој тренд не ги заобиколи ниту најранливите делови на општеството и веќе пет години питачи на улиците на Кина успеаја да соберат пари преку електронско плаќање и читање шифри на паметни телефонски шифри. Секој што сака да им даде пари на питачите во Кина, сега може да го стори тоа преку својот паметен телефон, скенирајќи го QR-кодот што се наоѓа кај питачите и со тоа да им помогне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот