Македонците во Албанија со остри рекции по посетата на Јотова: „На пописот ќе се изјасниме тоа што сме-Македонци“

фото: МИА, Стерјовски за Euronews.al

Бугарската агресивна кампања, посебно пред пописот, нема да не поколеба и повеќе од убеден сум дека каде и да живееме во Албанија ќе се изјасниме она што сме -Македонци. Ние живеме на границата со Македонија, каде живеат нашите браќа и затоа не можеме да бидеме Бугари, изјави Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во врска со пописот на населението и домаќинствата што во понеделник почнува во земјата, со посебен акцент на издавањето бугарски пасоши. Стерјовски во интервју за една од најгледаните албански телевизии euronews.al, потенцира дека во изминатиот период се соочиле со агресивна кампања за асимилација на Македонците во Албанија.

– Еве гледајте на оваа страна се Македонци во Македонија, на другата е исто така Преспа-Грција и таму живеат Македонци. Ние тука сме староседелци, не сме дошле од друго место и затоа не можеме да бидеме Бугари. Во меморијата на Македонците кои живеат во Албанија неизбришливо стојат масакрите кои ги направиле бугарските окупатори за време на окупацијата на Албанија во Првата и Втората светска војни, кога репресиите биле најсилни токму врз Македонците, вели Стерјовски.

Потсетува дека во 2017 година албанската влада и Парламентот го усвоиле Законот за заштита на националните малцинства, кога под силен притисок и условување со членството во ЕУ, владата призна непостоечко бугарско малцинство во земјата.

– Сега проблемот на Бугарија е, што од една страна, ја принуди Албанија да признае бугарско малцинство, но од друга страна, вакво малцинство не фигурира во граѓанската евиденција во Албанија зашто во ниту еден до сега спроведени 11 пописи како Бугарин не се изјаснило ниту едно лице, посочува тој.

На костатацијата на новинарот дека прашањето со бугарските пасоши кои „сега станаа бизнис во Албанија“, тој одговара дека за Македонците чини пет, а за етничките Албанци 25 илјади евра.

– Јавно сум кажал. Бугарскиот пасош е многу профитабилен бизнис во Албанија, тој е поисплатлив од одгледувањето марихуана во Албанија. За бугарски пасош македонската заедница може да плати пет илјади евра, додека Албанците 25 илјади евра. Во Албанија има илјадници албански државјани кои аплицирале за бугарски пасош, повеќето од нив се со албанско потекло кои овој бугарски пасош го извадиле со наплата на голема сума пари, за да ги користат привилегиите на Европската Унија, рече Стерјовски.

На прашањето дали Македонците со добивањето на пасош ја негирааат македонската етничка припадност, Стерјовски отсечно одговара „не“.

-Не, никогаш. Македонците, што добиле бугарски пасош, а се малку по број, никогаш не се откажале од македонската националност, вели меѓудругото тој.

Посочува дека последните години, посебно во областите каде што живее македонската заедница, во Пустец, Врбник, Голо Брдо, Гора имаме агресивна кампања за асимилација на Македонците.

Како засилена бугарска пропаганда врз Македонците во Албанија во пресрет на пописот, тамошните македонски здруженија ја оценија посетата на бугарската потпретседателка Јотова во Албанија.

Таа во изјавите по вечрашните посети на Голо Брдо, не крие дека на средбите им се давало ветер во грб на жителите – да се самоопределат како Бугари.

– Зошто е важен за нас пописот. Ова е првото пребројување во Албанија откако е признаено бугарското етничко население. Нашата цел е да им дадеме повече самопочит на луѓето кои говорат бугарски јазик во населените места каде што има претежно такво население, да се обидеме да го прошириме изучувањето на бугарскиот јазик и слободно да ја изразат својата волја кога ги пополнуваат формуларите и во анкетите да кажат какво потекло имаат, односно да посочат дека имаат буагрско потекло“, изјави Јотова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот