Македонци, имате историска можност!

Шарл Мишел присуствуваше на владината седница/Фото: Влада на РСМ

Вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробивот. Сега ја остваруваме одлуката од март 2020 година кога решивме да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија – рече претседателот на Европскиот совет на прес-конференција во Скопје.

Во следните часови или денови вие можете да ја донесете суштинската одлука за вашата иднина и со прифаќање на европскиот предлог, веднаш да ги започнете пристапните преговори за членство во Европската Унија, порача вчера претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски. Тој потенцираше дека неговата еднодневна посета е во клучен момент за Македонија, но и за самата ЕУ, која, како што рече, со интеграцијата на Западен Балкан ќе биде попросперитетна и побезбедна.

Мишел дојде во Скопје во време кога граѓаните со денови протестираат во голем број пред Владата и се противат на европскиот предлог, а државниот врв одржува широки консултации и има став дека предлогот е прифатлив затоа што ги содржи сите суштински забелешки поради кои претходно беше одбиен.

Мишел потенцираше дека за време на состанокот во Брисел меѓу лидерите на 27 земји членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан во искрен и тежок разговор биле инспирирани да донесат битни одлуки за иднината, да го заживеат и да го забрзаат процесот на проширување.

– Вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробивот. Сега ја остваруваме одлуката од март 2020 година кога решивме да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Минатата недела Советот состави компромисно решение, кое упатува кон вашите загрижености, а со цел да ги почнеме преговорите. Ако кажете да, првата меѓувладина конференција ќе се случи во следните денови. Следните чекори ќе бидат веднаш, следува скрининг процес, тоа е билатерален скрининг со преговарачки тимови кои ќе бидат повикани во Брисел. Вие сте пример како мултиетничките земји напредуваат, ако го смените Уставот, тоа ќе ја отвори следната меѓувладина конференција и автоматски ќе ги почнеме преговорите. Искрено да ви кажам, дека оваа можност е премногу важна за да се пропушти. Македонци, имате историска можност да кажете да за преговорите со ЕУ, да сметате на нашата  политичка и финансиска поддршка, но и на нашето почитување и лојалност. Само заедно можеме да се соочиме со предизвиците и само заедно може да ги надминеме – рече Мишел.

Тој додаде дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на македонски јазик. Рече дека е свесен дека има загриженост за македонскиот идентитет, но потенцираше дека тој лично како претседател на ЕС ќе стои зад правата на Македонците.

Премиерот Димитар Ковачевски ги повтори позициите на Владата дека е во тек консултативен процес во општеството. Тој најави дека брзо ќе биде презентиран и билатералниот протокол што треба да го потпишат Скопје и Софија, но потенцираше дека тој протокол не е поврзан со европскиот предлог.

– Протоколот не е нотиран во рамката, тоа е билатерален документ што не е дел од европскиот пакет. Рамката и протоколот се различни процеси кои случајно временски коинцидираат. Кога ќе завршат консултациите, сите документи ќе бидат испратени во Собранието, каде што се застапени претставници на сите партии и тие таму ќе имаат состаноци, ќе расправаат за европскиот предлог и ќе донесат заклучоци. Врз основа на тие заклучоци, Владата ќе ја донесе одлуката. Сметам дека претседателот Мишел беше јасен дека ние имаме предлог што ни овозможува веднаш да почнат преговорите. На Собранието е да одлучи дали Северна Македонија сега ќе ги почне или нема да ги почне преговорите за членство со ЕУ – рече Ковачевски.

Тој апелираше да не се чека, да се искористи шансата и Македонија да ја прифати одлуката.

Претходно и претседателот Стево Пендаровски се сретна со високиот европски функционер. Од кабинетот соопштија дека двајцата претседатели се согласиле дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ-интеграцијата на нашата земја.

„Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан. Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ“, соопштија од кабинетот на шефот на државата.

Мишел на скопскиот аеродром беше пречекан од вицепремиерот Артан Груби, кој рече дека посетата на претседателот на Европскиот совет е од големо значење бидејќи ја потврдува поддршката и посветеноста на Унијата за деблокирање на интегративниот пат на Македонија, обезбедувајќи ја содржината на исправноста и рационалноста на францускиот предлог за спорот со Бугарија.

– Оваа поддршка треба да биде дополнителен мотив да размислуваме и да донесеме правилна одлука за европската иднина на земјата – порача Груби.

Пред посетата на Мишел завчера и од Европската комисија испратија порака дека што поскоро треба да се најде решение. Портпаролката на ЕК Ана Писонеро изјави дека Комисијата ги следи случувањата и консултациите во Северна Македонија и очекува ефективен одговор.

– Внимателно и одблиску ги следиме настаните во Северна Македонија. Сега е време за одговорни одлуки што ќе овозможат да се оди напред во процесот. За нас сега е време да се напредува во преговарачкиот процес. Ревидираниот француски предлог токму тоа го овозможува – изјави Писонеро, пренесе МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот