„МакеДокс“ го продолжи рокот на отворениот повик за петтата генерација „Докуникулци“

Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ е во потрага по петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.
– Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм. Рокот за пријавување е продолжен до 15 јуни – истакнуваат од „МакеДокс“.
Пријавувањето на работилницата е со кратко видео, најмногу до пет минути, кое апликантите самите ќе го снимат со телефон, веб-камера или на било кој друг начин, и преку видеото треба да одговорат на неколку конкретни прашања, кои можат да ги најдат на официјалниот вебсајт на „Македокс“.
Видеото треба да се испрати на имејлот [email protected] преку WeTransfer. Уште подобро е, доколку се во можност, да го прикачат на Вимео или Јутјуб, заштитено со лозинка, и да се испрати линкот и лозинката.
Повикот е отворен до 15 јуни 2023, a резултатите ќе бидат објавени до 20 јуни 2023 година.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во јули (5 дена во природа), август (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“) и две есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена). На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и докажани докупрофесионалци од други земји.
Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но треба да се има на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа, не е во хотел со пет ѕведзички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“.