Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ на концертот во Скопје/Фото: Вангел Тануровски

Магичен концерт на Томашевиќ и Босиљчиќ во Филхармонија: „Кога раскинавме со Иван, не можев да пеам тажна песна“

Пејачката и актерот од Белград на сцената споделија и приватни моменти од нивната љубов што трае од 2007 година. Во 2012 година се роди нивната ќерка Нина.

Брачната двојка Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ одржаа магичен заеднички концерт на 8 март во полната сала на Филхармонија во Скопје.

Пејачката и актерот од Белград на сцената споделија и приватни моменти од нивната љубов, која трае од 2007 година. Во 2012 година се роди нивната ќерка Нина. Пеејќи ја песната „Мој драги“, Јелена раскажа за периодот кога не биле заедно со Иван, а таа токму тогаш добила понуда да испее тажна љубовна балада.

Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ на концертот во Скопје/Фото: Вангел Тануровски

Мојот драг пријател Сергеј Ќетковиќ ја напиша оваа песна и ми ја пушти. Иван и јас тогаш не бевме заедно. Му реков дека не можам да пеам песна во која се пее за саканиот за кој посакувам да ми се врати. Помина некое време, Иван и јас се смиривме и му раскажав дека одбив песна од Сергеј. Тој ми рече веднаш да му се јавам и да ја побарам. Кога му се јавив на Сергеј, ми рече дека доцнам, зашто тој песната веќе ја продал. По 20 минути ме побара и ми кажа: „Песната ти е на имејл“ – сподели Јелена Томашевиќ.

Иван Босиљчиќ ја слушаше оваа приказна од ложата во салата, меѓу публиката и низ насмевка ѝ довикна: „Немој тоа да го раскажуваш“. Подоцна, во текот на концертот, пејачката рече дека има нивни приказни што треба да се раскажат. Во еден дел од заедничкиот настап, Иван клекна на коленици пред Јелена, а таа рече:

Ова не го очекував. Ете што ти е актер, знае да направи драматургија на сцената. Последен пат беше на коленици кога ме побара за жена – се присети таа, а сопругот на ова шеговито ѝ одговори: „На сцената фантазија, а дома драма“.

Иван ја запросил Јелена во Лондон во Сент Џејмс, најстариот кралски парк во Лондон, кој се наоѓа во срцето на градот, меѓу Бакингемската палата и Вајтхол.

Го носев прстенот со мене и чекав кога ќе го препознаам вистинскиот момент. Отидовме во Лондон каде што играв во претстава. Лежевме во еден парк, а сите таму лежат во парковите и Јелена во еден момент рече: „Боже, колку ни е убаво, колку сум среќна“. Јас си реков: „Еве го! Стани, стани, стани“ – откри актерот во една пригода за „Глоси“.

 

Иван Босиљчиќ на концертот во Скопје/Фото: Вангел Тануровски

Босиљчиќ потоа раскажа дека Јелена почнала да плаче кога го видела прстенот, а откако му рекла „да“, тој забележал дека им аплаудираат група кинески туристи.

Приказна за Сергеј Ќетковиќ, кој им е заеднички пријател, сподели и Босиљчиќ, за времето кога кај него во студио снимил песна на руски јазик. Тоа било пред осум години, кога тој снимал серија во Москва, а како што рече, не знаел ниту еден збор руски.

Одев на училиште по руски како учениче прваче. Табла, креда, тетратка, учителката и јас. Научив сценарио од 100 страници, убаво го научив, без акцент. Си помислив дека од што добро го знам јазикот, во серијата нема да се забележи дека сум странец. Потоа посакав да снимам една стара песна на руски кај Сергеј во студио, и кога ја снимив, му ја пуштив на мој пријател Русин. Тој се изненади кога слушна дека сум јас и ми рече: „Многу убаво, а кој јазик е ова, многу личи на руски“ – рече Босиљчиќ и ја насмеа публиката.

Целиот концерт, во кој дуото го придружуваше дел од оркестарот на Филхармонија и бенд, а диригираше маестро Иван Еминовиќ, беше посебно доживување. Од почетокот, кога Јелена и Иван држејќи се за раце излегоа на сцената и ја испеаја „Странец во ноќта“ (Stranac u noći) од Масимо Савиќ, до хитовите на Јелена, руските романси на Иван, неговото рецитирање на стихови од Анте Поповски, до „Тајно моја“. Босиљчиќ оваа песна им ја посвети на сите што ги сакаме, а живеат далеку, и на сите оние што „живеат од онаа страна на небото“. Тој ја замоли публиката да направи „ѕвездено небо“, па слушнавме и гледавме една величествена изведба на хитот што го испеа Тоше Проески.

Јелена Томашевиќ на концертот во Скопје/Фото: Вангел Тануровски

Јелена Томашевиќ изненади со „Македонско девојче“ и рече дека многу ги сака македонските изворни песни и знае многу од нив бидејќи ги пеела како дете во КУД во родниот Крагуевац. Пејачката предложи дека би можела да направи посебен концерт само со македонски народни песни. Иван, пак, на публиката неколкупати ѝ се обрати на одличен македонски. На неговиот репертоар беше и „Џипси меџик“ од Влатко Стефановски, а двајцата на крајот изненадија со прекрасна изведба на „Елено ќерко“. Романтичната вечер ја збогатија и хитовите на Кемал Монтено, Нина Бадриќ, Бисера Велетанлиќ, „Бијело дугме“.

Стоејќи на оваа прекрасна сцена, во овој прекрасен град, се сеќавам на славните двојки од нашиот регион. Помислувам на Сенка и Зафир, на Милена Дравиќ и Драган Николиќ – рече Босиљчиќ.

Ова беше втор распродаден концерт на српската брачна двојка во Скопје. Вечерва (9 март) и утре (10 март) тие ќе одржат концерти во Центарот за култура во Битола. Концертите ги организира менаџерката Моника Наскова од Струмица, долгогодишна пријателка на Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот