Маестрален крадец пустоши низ Карпош: Ако имате ваква брава ВЕДНАШ СМЕНЕТЕ ЈА

Дел од предметите биле пронајдени и вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Технички софистициран крадец пустоши низ станови во скопската општина Карпош. Во изминатите два месеца мета му биле повеќе од 30 станови. Влегувал и си заминувал без никаков проблем. Крадел во станови кои претходно ги имал маркирано, дознава „Слободен печат“.

Пленот кој го зел крадецот е вреден над 40.000 евра. За овој „експерт“ новите кодирани брави и блиндор – врати не се никаков проблем. Ги отвара за десетина секунди, без никој да го слушне. Истражителите, како што дознаваме, кои со недели се мачат да го фатат на дело, велат дека од поодамна се немаат соочено со ваков „професионалец“ во својата област. Токму тие тврдат дека овој крадец е толку внимателен во тоа што го работи, што не остава зад себе ни ДНК трага.

Последната серија кражби се извршени во големиот нов станбен блок на булеварот „8 Септември“ во Тафталиџе 1.

– Во оваа зграда има обиено над 10 станови. Сите станови имаат нови брави и врати. Бравите се заштитени со клучеви кои мајсторите ги нарекуваат „К2“. Станува збор за брава која се отвара со еден калаус клуч додека станот е во изградба. Кога сопственикот ќе го добие станот, добива и сет од пет клучеви. Штом еден клуч од сетот се стави во бравата, се активира заштитниот систем и може да се отвори само со клуч од сетот. Барем така ни беше речено. Но, ете за крадците нема проблем ни оваа брава – вели станарка на зградата, која од ненајавената посета на крадецот, ја спасило чиста среќа.

Таа вели дека додека била дома се обидела да ја отклучи бравата за да излезе, но никако не и успевало тоа да го стори.

– Дента требаше да бидам прва смена на работа, но ден претходно се сменив со колегата, па наместо прва, бев втора смена на работа. Кога требаше да одам на работа, сакав да ја отворам вратата, но увидов дека не се отвара бравата. Вртев лево и десно со клучот, правев сè за да се отвори бравата, но извесен период не беше можно. Помислив дека можеби сопругот го има заборавено и свртено клучот обратно на бравата, па бидејќи со соседите на Вибер имаме своја група пишав дали ќе може некој да го отстрани клучот. Сосетка која дојде до мојата врата, ми јави дека во бравата има нешто што наликува на клуч. Ми рече „седи внатре, јас ќе повикам полиција“. Кога дојдоа полицајците увидовме дека мојот стан бил пикиран од крадец – вели жената.

Како што дознава „Слободен печат“ истражителите имале сомненија за едно лице како можен сторител на низата кражби, но велат дека тешко им оди обезбедувањето докази за да може пријавата да биде несоборлива.

– Користи антибактериски гелови кои ги нанесува на рацете за да не остави ДНК трага зад себе. Таму каде што отвара, предметите ги допира со стерилизирани алатки и со лабораториски ракавици. Нема оставено никаде отисок. Вратите не ги отвара со „чешел“ или со друга алатка. Тоа за него е „демоде“ опрема. Од досегашните докази може да се увиди дека користи машинка која за брзо време изготвува одлична копија од клуч со кој ја отвара маркирана врата – велат истражителите.

 

Токму во правењето клуч за отварање на вратата се крие и досегашната тајна на успехот на овој немилосрден крадец. Како што дознаваме, тој во пикирана брава вметнува претходно зацрнета и стоплена прозирена фолија, малку подебела од целофан. Ја вметнува во бравата доволно за да може неприметно само ако се забележи да се извлече. Кога сопственикот доаѓа дома, го вметнува клучот во бравата. Самиот клуч со себе ја повлекува и фолијата и прави целосен „отисок“. После извесно време крадецот ја извлекува фолијата според која прави копија од клучот. За опремата која ја користи за правење калаус клучеви за секој вид брави се проценува дека вреди неколку илјади евра, велат соговорниците од полицијата.

Истражителите се сомневаат дека крадецот не работи сам, туку дека има соработник кој му помага во набљудување на секојдневните навики на маркираните жртви, а можеби му чувал и стража додека тој „оперира“ во станот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот