Лош ден за на мотор: Вчера повредени четворица мотоциклисти и една сопатничка

Мотоциклист повреден во сообраќајка/Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во текот на вчерашниот ден на патиштата низ државава се случија четири сообраќајни несреќи во кои се повредени четворица мотоциклисти и една сопатничка.

Вчера во 13.37 часот било пријавено дека на патот Прилеп–Ресен спроти авто плац се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “фолксваген голф” со битолски регистарски ознаки, управувано од С.А.(51) од с.Братин Дол-битолско, и моторцикл “хонда” со струшки регистарски ознаки, управувано од Џ.Ф.(25) од с.Биџево-струшко. Во несреќата моторциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

Во 15,20 часот било пријавено дека на крстосницата од ул.”Карпошева” со ул.„Крсте Мисирков” во Свети Николе се случила сообраќајна несреќа помеѓу моторцикл „јамаха” со кочански регистарски ознаки, управуван од П.А.(29) од Кочани, и товарно моторно возило “фиат” со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(61) од Свети Николе. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле моторциклистот и сопатничката Т.С.(20) од Кочани констатирани во ЈЗУ Свети Николе. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.

Во 18.00 часот било пријавено дека на патот Миладиновци–Штип кај клучка Север-Свети Николе моторцикл “априлија” со тетовски регистарски ознаки, управуван од Ј.С.(54) од Тетово излетал надвор од коловозот. Во несреќата моторциклистот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар во Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.

Претходно во 17.25 часот било пријавено дека на регионалниот пат Градско-Велес во близина кај крстосница за с.Црквино моторцикл „бмв” со српски национални ознаки управуван од Б.М.(55) од Р.Србија излетал надвор од коловозот. Во несреќата моторциклистот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Општата болница во Велес. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 223 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 24 санкции, 25 мерки за возење без возачка дозвола, 67 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се 35 санкции за возење под дејство на алкохол, пет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), 16 санкции за нерегистрирани возила, девет мерки за возач почетник..

Министерството за внатрешни работи вчера исто така спроведе  засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 172 возачи. Од нив 10 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 77 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 95 надвор од населено место.

Видео на денот