Локалните избори во Косово нема да се одложат и ќе се одржат на 17 октомври

Вјоса Османи / Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека, поради непостоење согласност меѓу политичките партии за одлагање на локалните избори поради пандемијата на Ковид-19, тие ќе се одржат во претходно закажаниот термин, на 17 октомври годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

По вчерашната средба со претставниците на поголемите косовски партии, на која се разгледаа препораките на Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК) за влијанието на изборите врз епидемиолошката ситуација во земјата, Османи изјави дека став на повеќето партии бил дека изборите не треба да се одложат.

Косовската претседателка рече дека го почитува ставот на партиите, но не се согласува со истиот.

– Единствен начин да се одложат изборите е постигнувањето консензус меѓу власта и опозицијата. Јас го почитувам ставот на политичките партии, но не се согласувам со него. Одложувњето би било најмногу до два месеци, со цел да му се даде време на медицинскиот персонал да ја стави ситуацијата под контрола, изјави Османи.

Одлагање на изборите побара владејачката партија, Движење самоопределување, на чие чело е премиерот Албин Курти, а против беа сите поголеми опозициски партии, кои главно бараат скратување на изборната кампања од 30, на пет до седум дена, па и целосно укинување на класичните форми на кампања со митинзи и партиски собири.

Барањето на партијата на Курти за одлагање на изборите беше поткрепено од ИКШПК, кој, во писмо до Османи, оцени дека „одржувањето на изборниот процес, кој опфаќа јавни собири и собирања на граѓаните, претставува опасност од ширење и зголемување на заразата од Ковид-19 и како последица на тоа зголемување на опасноста од смртни случаи“. Од страна на опозицијата ова беше протолкувано како притисок врз ИКШПК од страна на Курти, кој „се плаши од избори”, поради наводниот голем пад на рејтингот на неговата партија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот