Љупчо Палевски орбитираше околу креатори на движења за заштита на децата

Движењата во кои идеолошки и политички орбитираше Љупчо Палевски-Палчо, сега првоосомничен за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, имаа меѓу другото и мантра дека ги штитат децата. Таа мантра не беше само декларативна, туку и организирана и олицетворена во официјални здруженија и политички партии, кои имаа свои поткасти и разговори во живо во кои Палевски беше драг гостин.

,,Братот” по идеологија Палевски гостуваше во поткастите на партијата Родина, каде еден од основачите е Гордана Гоџо. Таа пак, има основано здружение ,,Од нас за нас“ кое од уста не ги вади децата, нивната заштита од како што велат ,,родова индоктринација“. Ова здружение членува во коалиција, која пак на својата Фејсбук страница има само една објава за Вања, во која велат – политиката да се стави на страна.

Како што напредуваше предистрагата за убиството на Вања, така напредуваше и обидот на политичките содружници на Палевски да се дистанцираат од него, но и од своето минато во кое заедничареа во осудите кон Западот, теориитете на заговори, сатанизирањето на родовата еднаквост, етикетирањето на ЛГБТ заедницата, промоцијата на Кју Анон во Македонија во време на тешка пандемија, сето завиено во патриотизмот и родољубието.

Внимателно ја следиме разврската на случајот со 14 годишната Вања Ѓорчевска и нејзиното убиство претставува голем шок и неверување за секој од нас. Убиство на малолетно дете без разлика на причините, може единствено да се класифицира како најмонструозно дело што човечкиот ум може да го замисли. Коалицијата за заштита на децата изразува најдлабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на Вања, и се надеваме дека злосторниците ќе ја добијат заслужената казна. Од дното на срцето посакуваме ова да биде само еден залутан случај што го извршиле нелуѓе кој никогаш повеќе нема да се повтори кон ниедно дете. Ве молиме сите да ја зачуваме човечноста и присебноста и во коментарите изразувајте само сочувство без политики и без дополнителни мислења за настанот и учесниците во убиството, напишаа од Коалицијата и ограничија кој може да коментира под објавата.

Но, можно ли е политиката да се остави на страна, ако се знае, како што соопшти и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека сите осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се од истата политичка партија каде Палевски е предводник -,,Десна” и ако се зема предвид и предупредувањата на професорката по безбедност Фросина Ременски,  дека според нејзините информации, тие располагале со списоци за ликвидации, рекет и киднапирања и дека во минатото Палевски бил предмет на оперативен надзор?

-Радикалната десница или радикалната левица е предворје на тероризмот. Случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски мора да бидат повод за посериозно и поопсежно третирање на ентитети што шират радикален говор спротивен на оној на стратешките интереси на земјава кон ЕУ и НАТО, вели таа.

Премиерот Димитар Ковачевски пак, ги поврза овие движења со странски агентурни мрежи насочени кон дестабилизација на европскиот пат на земјава.

Токму во поткастите на Родина, Палевски го имаше просторот и еден од микрофоните за да им се приклонува на теориите на заговор за осуда на неолибералите, промоција на Кју Анон наративите, а во еден од своите последни поткасти тврдеше дека главната пресметка со неистомислениците на политички план се одвива во судниците, преку судски пресуди каде се казнуваат оние што се неистомисленици на власта.

Во една поодамнешна емисија од поткастите на партијата Родина, Палевски гостуваше токму со Гордана Гоџо, креаторка на организацијата ,,Од нас за нас“ и позната по тоа што се претставува како заштитник на децата од образование во кое ќе учат за родовата сензитивност. Со месеци Коалицијата за заштита на децата каде Гоџо е член, низ државата промовира филмска проекција ,,Што е тоа жена?“ во која биолошкиот пол од раѓање се претставува како апсолутен, а обидот да се транзитира во друг род се претставува како болест и западна измислица. Реториката со која што коалицијата настапува кон случајот со Вања ни оддалеку не е толку бурен и со заштитничка хистерија за децата како кога се работи за родовата сензитивност од која коалицијата бега како ѓавол од крст.

Гоџо на 17 јули годинава на својот Фејсбук профил кој го користи за антиродов активизам, ќе напише:

На 4 јули низ кината ќе започне да се прикажува филмот ,,Звукот на слободата” базиран на вистинска приказна која зборува за трговијата и злоставувањето на децата. Мора повеќе да ги сакаме децата отколку што се плашиме од злото. Божјите деца не се на продажба. Кога публиката ќе се разбуди за сето ова тие луѓе нема да можат да одат по улица.

Но, кога станува збор за политичкиот истомисленик Палевски, кој сега заедно со уште четворица сопартијци од партијата Десна се соочува со сериозни обвиненија за убиство и грабнување на дете, реториката е исклучително поблага или маргинална, се повикува на пресумпцијата на невиност и да не се припишува настанот на целото движење ,,Коалиција за заштита на децата”.

Покажете барем малку човечност и не дефокусирајте, испратете ја Вања достоинствено без да го калемите убиството на коалицијата, верниците и патриотите, како оние од вашиот табор, пишува под единствената објава каде се изразува сочувство за прерано одземениот живот.

Ваквата воздржана реторика ни оддалеку не може да се спореди со таа која е главна тема на коалицијата, а која е против родово сензитивното општество кое особено почнува да се гради кај новите генерации, во училишниот систем. Европската Комисија во својот најнов извештај за напредокот на Северна Македонија објавен неодамна го нотираше токму тоа дека ваквите движења се пречка во земјата уште да не се изгласа Законот за родова еднаквост.

Законот за родова еднаквост уште не е усвоен. Ова е во голема мера поради растечко антиродово движење во целата држава. Антиродовите кампањи, понекогаш поддржани од страна на локални политички фигури, религиозни и политички лидери, се сериозно загрижувачки, пишува во Извештајот.

Неспорно е дека токму во поткастите на Родина Палевски имаше отворен микрофон да се изразува на разни ултрадесничарски теми, да промовира тврдокорни антизападни ставови, да навредува верски лица, да шири лаги за ковид и живописно да ги жигосува неистомислениците. Но, стравичноста на кривично правниот настан во кој се убиени едно дете и еден возрасен човек, иако малку го одложи контранападот од Родина, и за момент се чинеше дека им ја затвори устата или ги олади жешките националистички ставови, набрзо се претвори во политичка болка.

Дури на 7 декември, Родина искажа длабоко сочувство до семејствата на Вања и Панче. Но тоа го запечати со својот печат на обвинување на институциите на системот дека ловат вештерки, а некако во својата реакција ја вметна и ѕвездата од Вергина.

Родина Македонија го осудува повикот за дерегистрација на партии и движења кои јавно се искажувале против НАТО и ЕУ интеграциите. Го осудуваме повикот за колективна одговорност кон членовите на партијата Десна. Останува нејасно дали ќе се бара одговорност од сите членови и симпатизери на Десна во својство на политичка елиминација на конкурентот? Со кое право членови на извршната власт и ним блиски медиуми ги навредија сите Македонци во светот, но и нивниот милениумски светол симбол, шеснаесеткракото сонце? Нарекувајќи ги психопати, крајно десни националисти и теоретичари на заговори кои ја користат ѕвездата од Вергина?

За разлика од 10 април 2020 година, кога Родина застана во експлицитна одбрана на Палевски кога тој беше баран со потерница, се чини дека овој пат, тежината на кривичното дело малку ја подзатвори устата за негова лична поддршка, а поголем акцент се стави на најавата на министерот Оливер Спасовски дека партијата Десна од каде се сите осомничени за убиство и помагање треба да биде дерегистрирана бидејќи работи против интересите на државата. Во 2020 година Родина го бранела Љупчо Палевски кога тој бил во екстрадиционен притвор во Србија. Тогаш во соопштението навеле дека е голем патриот и човек на кој му е одземен критичкиот глас.

Родина Македонија секогаш ќе се бори ниеден Македонец да не смее да биде држан незаконски и без суд в зандани и во татковината, а уште повеќе во странство. Затоа Родина Македонија го крева својот глас за ослободување од седуммесечниот притвор без судење на Љупчо Палевски македонски државјанин кој се наоѓа во екстрадиционен притвор во Србија, и давање можност да одговори на било какви тужби од слобода и од својата татковина. Не е македонски ниту родински никој да не крене глас, без разлика што се работи за политички конкурент, тоа е најмалку важно најважно е Македонец, а уште повеќе голем патриот, затворен без суд во странство, ни државата и нејзините правосудни органи ниту пак неговата партија Глас (која бизарно и спротивно на своето име, токму остана без глас на оваа страшна тортура) ни медиуми ни експерти реагираат! Затоа Родина Македонија ги поддржува напорите на активистите од движењето Трета чиј член Љупчо Палевски за запознавање на јавноста со овој случај, и сами ќе ги информираме членовите и македонскиот народ и ќе ги поддржуваме напорите за негово ослободување, објавено е на сајтот на Родина каде реагирале на 10 април 2020 година.

Во времето на таа екстрадиција, адвокат на Палевски му бил Васко Стојков, човекот кој неодамна го превезе Палевски од Скопје до Белград, а потоа за медиумите изјави дека не знаел дека го бараат и Палевски му кажал дека треба да оди на лекар.

На листата од петнаесетина донатори на Родина Македонија за време на локалните избори 2021 година се и Гордана Гоџо и Младенчо Трајковски, кои се основачи на Здружението „Од нас за нас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот