Марија Павловска

Ликовната авторка Марија Павловска доби награда за извонредност на Биеналето во Фиренца

Дела од серијата „Равенки“ на ликовната авторка Марија Павловска од 10 до 29 јануари се изложени во Академијата за уметност на цртежот во Фиренца, Италија.

Учеството на Павловска на оваа престижна изложба е резултат на освоената Специјална награда на WAVA (Светско здружение на визуелни уметности) за извонредност во уметноста, која ја доби на XV Биенале во Фиренца, што се одржа во октомври 2025 година. Со изложбата се оддава посебно значење на наградените автори на Биеналето во Фиренца.

Изложбениот простор е сместен во најстарата Академија за уметност на цртежот во светот, која била основана во 1563 година од Џорџо Вазари и Козимо I де Медичи, а потекнува од компанијата „Сан Лука“, формирана во 1339 година, во која членови биле Лоренцо Гиберти, Донатело, Беноцо Гоцоли, Леонардо да Винчи, Микеланџело Буонароти, Бенвенуто Челини, Андреа Паладио, Галилео Галилеј, Пабло Пикасо.

Академија за уметност на цртежот во Фиренца

Темата на 15-то издание на Биеналето во Фиренца, кое се одржа од 18 до 26 октомври 2025 година, беше посветена на исконската, вечна заедница помеѓу светлината и темнината, која отсекогаш била во центарот на уметничките, како и на научните, филозофските и литературните истражувања.

Наградата за извонредност во уметноста на Биеналето ја доделува Светското здружение на визуелни уметности (WAVA), кое е основано во 2014 година како независна, непрофитна организација создадена од уметници и високо ниво на професионалци во уметноста и културата за промоција, негување и зачувување на визуелните уметности како суштински дел од светското движно културно наследство.

Дела од серијата „Равенки“ на Марија Павловска

Марија Павловска е современа уметница, активна во првата половина на 21-иот век со две и пол децении континуирано присуство на европската современа уметничка сцена и активно присуство на меѓународно ниво во САД и Азија. Нејзината уметност ги опфаќа темите на поларизација и глобализам.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 317, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот