Лична приказна за Сенка Велетанлиќ сподели Марта Хаџиманов, нејзината внука
Лична приказна за својата баба Сенка Велетанлиќ, која почина вчера во Белград, раскажа нејзината внука Марта Хаџиманов.
Препорачано
Пејачката и актерка Сенка Велетанлиќ, сопругата на нашиот реномиран пејач и актер Зафир Хаџиманов почина вчера на 90-годишна возраст, а веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син, познатиот џез-музичар Васил Хаџиманов.
„Утрово нè напушти мојата мајка Сенка Велетанлиќ по тешка болест. Замина тивко, достоинствено, во сон, како дама, токму како што ѝ прилега. Те сакам, мамо. Ти благодарам, мамо“, напиша Васил Хаџиманов.
Неговата ќерка Марта која ја има со сопругата Наташа е исто така успешна опереска и џез пејачка. Таа на Инстаграм се прости од својата баба и сподели лична приказна за неа.
„Мојата преубава, прекрасна баба нè напушти денеска. Бабо моја, многу те сакам. Секогаш ќе го слушам и ќе го паметам твојот трогателен, топол и нежен глас. Никој на светот не е таква модна икона и дама како што беше ти. Ти благодарам што беше мој модел и инспирација и што ми дозволи да ти ја крадам облеката и да ги пробувам твоите чевли кога бев мала. Ми недостигаш, одмори ја својатра добра душа и пеј“, напиша Марта Хаџиманов на Инстаграм.

Кога во 2021 година, почина нејзиниот дедо Зафир Хаџиманов, Марта Хаџиманов емотивно ги сподели и своите спомени за него.
„Драг мој дедичко, ти си посебен. Засекогаш ќе те сакам и ќе се сеќавам на сите прекрасни моменти поминати со тебе. Моменти кои секогаш биле исполнети со музика, среќа и љубов и сеќавајќи се на твоите прекрасни, нежни зборови и топол глас, секогаш кога ми е тешко. Ти си едно неверојатно и неповторливо суштество, полно со живот и љубов што го осветли целиот свет со својата прекрасна душа и музика. Твојата љубов кон твојот животен повик ја покажа така што чекаше да си заминеш на еден ваков посебен и симболичен ден, а тоа е Светскиот ден на театарот, славејќи го така со нас, твојот убав, исполнет, возбудлив и разнобоен живот. Единствената љубов што ја имаш спрема баба и која вие заедно ја делевте е неопислива и убава, и секогаш ќе бидете најпрекрасната и најталентираната моќна двојка досега! Ми недостасуваш многу и ти благодарам за сите овие години што ги имав со тебе, со најдобриот дедичко на планетата. Се надевам дека е подобро таму каде што си сега, дека ништо не те боли и дека пееш на цел глас. Мислам на тебе и ќе мислам секој ден. Те сака најмногу твојата внука“, напиша Марта Хаџиманов тогаш.


