Левица и ДУИ го поддржаа Љутков од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Советот на Општина Велес

Актерот Зоран Љутков, кој беше избран за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе претседава со новиот состав на Советот на Општина Велес, а на функцијата беше избран денеска, со поддршка на советниците од ДУИ и Левица, објави СДК.мк.

„Често зборуваме дека ќе работиме чесно, транспарентно во интерес на граѓаните. Со самото тоа што сме се нафатиле да го работиме ова, се подразбира дека ќе работиме чесно и транспарентно, во интерес на граѓаните. Очекувам дека во наредните четири години, одлуките ќе ги носиме со 23 гласа ‘за’“, кажа Љутков, кој беше носител на листата за советници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо единствениот советник од ДУИ во општинскиот Совет, Невзат Муаремовски, изјава даде претседателот на огранокот на партијата во Велес, Салија Локман.

„Нема да коалицирање со никого, ќе делуваме самостојно. Ќе ги поддржуваме проектите кои се во интерес на граѓаните. Било која партија да предложи нешто добро, ние ќе поддржиме“ , кажа Локман.

Од Левица велат дека немаат формална коалиција со ниту една партија која е дел од Советот.

„Ќе ја поддржиме ВМРО-ДПМНЕ која победи на локално ниво во изборот на претседател на Советот и некои значајни проекти, а за возврат ќе добиеме поддршка за шест наши проекти“, рече Игор Смилев, советник од Левица.

Новите 22 советници на конститутивната седница дадоа свечена заклетва, а документот, свечената изјава, како и уверението, кои ги добија беше со уставното име на државата Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот