Влада на РМ- зграда / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Левица е за укинување на техничката влада

Политичката партија Левица соопшти дека се залага за укинување на техничката влада, како и за укинување на дополнителните заменик-министри со право на вето, оценувајќи дека овој модел ја изгубил својата смисла и се претворил во „алатка за меѓупартиско пазарење“.

– Техничката влада функционира како фасада и привид на фер и демократски избори, зад која продолжуваат политичката нееднаквост, селективноста и цензурата. Укинувањето на техничката влада би било прифатливо само доколку е проследено со вистински, а не декларативни демократски реформи – велат од партијата.

Како клучен предуслов, Левица го посочува воведувањето на една изборна единица, со цел секој глас да вреди еднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти.

Ќе падне ли пржинскиот модел?

Од партијата потсетуваат дека на последните избори, токму Левица, иако парламентарна партија, поради правна празнина, била единствената на која ѝ било оневозможено политичко рекламирање. По изборите, како што наведуваат, биле предложени законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не биле прифатени од владејачкото мнозинство.

– Институциите не се созреани и досегашната пракса со техничките влади не донесе фер и демократски избори без институционални злоупотреби – велат од партијата и додаваат дека, според нив, техничката влада се покажала како механизам за дополнителни злоупотреби и параван за задоволување на интересите на владејачките и коалициските структури.

Во соопштението се наведува и дека за време на мандатите на техничките влади биле носени системски закони по скратена постапка и биле штитени интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија.

– Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната – порачуваат од Левица, додавајќи дека нема да учествуваат во, како што велат, „шминкање на системот“ без суштински реформи.

За крај, од партијата потсетуваат дека воведувањето една изборна единица е и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги да не отстапуваат од сопствените заложби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот