Левица бара одговор од директорката на ГАК: Дали инкубаторите за бебиња престанале да работат поради прекин на струја?
Левица информира дека до партијата стигнала дојава дека ноќта минатиот петок на Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК) снемало струја, при што и инкубаторите, кои ги обезбедуваат фундаменталните услови за преживување на предвреме родените бебиња, престанале да работат.
Препорачано
Според изворите, струја немало повеќе од половина час, а не проработеле ни агрегатите, па животите на овие бебиња биле доведени во опасност.
„Инкубаторите зависат од електрична енергија за да обезбедат одржување на телесната температура на предвреме родените бебиња, за дишење, за мониторинг на виталните функции итн. И по една недела, Министерството за здравство и раководните лица на ГАК молчат и не преземаат никаква одговорност за општиот хаос што се случил според нашите информации. Во држава во која приватни објекти и ресторани имаат обезбедено генератори, недозволиво е установа од терциерната здравствена заштита, а при тоа и универзитетски клинички центар да нема функционален и сигурен резервен систем“, се наведува во соопштението.
Додека во светот медицината напредува кон минимално инванзивни процедури, роботика и високотехнолошки решенија, во Македонија се молиме да не случајно снема струја на неколку часа, бидејќи немаме функционални генератори и животите на новороденчоњата кои се во инкубатори се оставени на милост и немилост, велат од партијата и додаваат дека ова е апсолутен показател на некомпетентност, незаинтересираност и неодговорност.
„Ако за трагедии како Кочани или модуларната болница во Тетово не можевте да предвидите и се бараат секакви изговори, за овој случај нема изговори зашто ова е целосно предвидливо и вообичаена опрема во болница. Доколку нашите информации се точни – ова е пропуст од огромни размери и најмалку што бара се оставки од морални причини, или ќе чекаме да дојде до смртни последици, па повторно да се изземаат сите од одговорност?! Темелот на здравствениот систем е довербата. Прашање е кому ги доверуваме нашите животи? Бараме директорката Ирена Алексиовска Папестиев итно да одговори за овие сериозни сомнежи“, велат од Левица.


